По грчките, и домашни овации: „Исцелител“ на Ставрески ја освои македонската публика


Уствари викендов е затишје пред бура! ↓↓↓


На затворањето на „Синедејс“ филмот „Исцелител“ ја имаше својата домашна, македонска премиера.

Публиката во преполното кино „Милениум“ со овации ја поздрави екипата на филмот која излезе на сцената заедно со режисерот и продуцент Ѓорче Ставрески.

„Со оваа комедија сакав да го свртам вниманието на нашиот распаднат здравствен систем кој, за жал, одвреме-навреме ние мора да го користиме. Доживеа целосен колапс. И тоа, во некаква спрега со сиромаштијата која не згази низ овие години, придонесе кај мене да се роди револт што резултираше со овој филм. Би сакал да видам поправедно општество во Македонија“, рече Ставрески.

Публиката имаше можност да проба и од колач, многу сличен на колачот употребен во филмот, како и да добие хумористични рецепти за разни „маки“.

Црната комедија на Ставрески на својата светска премиера на Солунскиот филмски фестивал доби награда од публиката во престижната програма „Balkan Survey“. Ова е прва награда која ја добива македонски филм на овој фестивал. Филмот, исто така, ќе се натпреварува на меѓународниот филмски фестивал „Црни ноќи“ во Талин, а исто така неодамна беше најавено и неговото учество на меѓународниот филмски фестивал во Гоа.

И двата фестивали се деч од петнаесетте светски водечки фестивали акредитирани во „А категорија“ заедно со Берлин, Кан, Венеција, Токио и други.

Во дебитантскиот игран филм на Ставрески, кој е македонско-грчка копродукција, главните улоги ги толкуваат Благој Веселинов, Анастас Тановски, Аксел Мехмет, Александар Микиќ, Мирослав Петковиќ, Диме Илиев и Симона Димковска.

„Исцелител“ од денес е достапен на редовниот репертоар на кината „Милениум“ и „Синеплекс“.