Платниот промет на „Македонска пошта“ ќе профункционира најдоцна од 1. март 2021 година


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Откако до крајот на годинава ќе се потпише договорот со Халкбанк, граѓаните повторно ќе можат да ги плаќаат своите сметки преку „Македонска пошта“ најдоцна од 1. март, следната година. Ова го соопшти директорот на „Македонска пошта“, Јани Макрадули.

„Очекувам од 1 март граѓаните да можат да плаќаат, по најниска провизија, на 330-те точки кои ги одржуваме. Верувам дека со дополнителни активности ќе го скратиме времето од потпишување на договорот со банката и дека до крајот на годината ќе го потпишеме“, рече Макрадули.

Во однос на изборот на Халкбанк за платниот промет на „Македонска пошта“, по пропаѓањето на Еуростандард, бил истиот софтвер од истата компанија што го има банката, со што процесот е технички подготвен.

Говорејќи за состојбата во ова акционерско друштво во државна сопственост, Макрадули рече дека има големи долгови од околу 10 милиони евра, за кои вината ја припиша на извршната власт, а не на менаџерските тимови.

„Два и пол милиони евра продажба на акции од Владата не стигнале во ‘Пошта’, седум милиони евра не ги добила ‘Пошта’ од Владата како простување на долговите на јавните претпријатија. Значи, околу 10 милиони евра долг не го направил менаџментот, туку тоа се одлуки на Владата, за што не е виновен менаџментот во генералните трошоци“, рече Макрадули.