Пластичниот отпад како платежно средство за јавен превоз – тоа го има во оваа држава


Шанса да станеш YouTuber! Приклучи се! ↓↓↓


Сурабаја, вториот по големина град во Индонезија, воведе нова креативна идеја со цел да ги мотивира жителите да го рециклираат отпадот. Во замена за користени пластични амбалажи, во овој град жителите добиваат бесплатни автобуски билети.

Според шемата која Сурабаја ја иницираше во април, патниците можат да се возат со црвените градски автобуси со ставање пластични шишиња во терминалите или директно да „платат“ билет со пластични шишиња.

Двочасовен автобуски билет чини 10 пластични чаши или 5 пластични шишиња, во зависност од нивната големина. Градот се надева дека оваа иницијатива ќе помогне во реализирањето на амбициозниот план за ослободување од пластичен отпад до 2020 година.

„Ѓубрето, како пластичните шишиња, се насобира во моето соседство, па затоа го донесов тука за природната средина не само да биде почиста, туку и да им се олесни обемот на работа на собирачите на ѓубрето“ – вели еден жител на Сурабаја.

Податоците од градот покажуваат дека 15 отсто или речиси 400 тони од секојдневниот отпад на Сурабаја се пластика.

Шемата на плаќање билети со пластични шишиња може да собере до 250 килограми пластични шишиња дневно или приближно 7,5 тони за еден месец, покажуваат податоците.

По собирањето, етикетите и капачињата од шишињата се отстрануваат од отпадот и им се продаваат на аукција на компаниите за рециклирање. Парите заработени од аукцијата се насочени кон водење автобуски операции или финансирање на зелени површини во градот, кој се наоѓа на источниот крај на Јава, главниот остров на Индонезија.

Се смета дека Индонезија е втор најголем придонесувач на загадувањето од пластиката во океаните, веднаш по Кина, укажува истражувањето спроведено во 2015 година.