Пет правила на Марија Антоанета за убавината кои се актуелни и денес


Уствари викендов е затишје пред бура! ↓↓↓


Контроверзната француска владетелка Марија Антоанета светот главно ќе ја памети по фамозната наводна изјава: „Ако немате за леб, јадете колачи“, која всушност таа никогаш не ја изговорила.

И покрај тоа што е погубена поради лошите гласини од нејзините противници кои ја презирале, првенствено заради нејзиното потекло, но и поради надмениот и суетен начин на живеење, нејзиното име и денес е синоним за луксуз, убавина и елеганција.

Оваа аристократка, меѓу другото, кога станува збор за стилот, се придржувала до пет правила за убавината кои и денес се еднакво актуелни.

1. Своите чувства изразете ги со шминка

Француската аристократија во 18. век уживала во луксуз и изобилие. Нивните дворци биле грандиозни, гозбите величенствени. Облеката кичеста и скапоцена, а шминката прилично впечатлива и нападна. Членовите на високото француско општество своите лица ги бојосувале со бела боја, нанесувале црвен кармин на усните и образите, а жените си цртале и вештачки младежи во форма на срциња, ѕвезди или месечини на лицето.

Секој младеж имал посебно значење, па ако жената на својот образ имала нацртано срце, тоа било јасен знак дека е зафатена. Формите нацртани во близина на очите значеле дека е желна за страст и сетилно уживање. Антоанета била позната по цртањето младежи во близина на усните, што значело дека сака бакнеж.

2. Никогаш не го напуштајте домот без парфем

Со оглед на тоа дека во целиот дворец Версај за време на владеењето на Антоанета не постоеле тоалети, цела палата смрдела на непријатни миризби и реа. Со цел да ги одржи своите одаи свежи и миризливи, Марија Антоанета барала спалната соба секојдневно да се исплнува со свежи локални цвеќиња и миризливи цветни масла. Се вели дека најмногу уживала во мирисот на ружата, јасминот и туберозата, додека нејзин омилен цвет бил оној од портокалот.

Владетелката била толку опседната со цветните мириси, што дури и за време на нејзиниот престој во темница, додека го чекала своето јавно погубување на гилотина, со себе имала шишенце со парфем кој за неа го направил познатиот француски производител на парфеми Жан-Луи Фаржон.

3. Придржувајте се до својата рутина за убавина

Изненадувачки ритуал до кој строго се придржувала оваа француска кралица е миењето со чудниот препарат „Eau Cosmétique de Pigeon“, кој се изработувал од пржени гулаби. Иако оригиналниот рецепт останал тајна, се шпекулира дека препаратот потсетувал на денешниот тоник за лице, бидејќи се состоел од пециво и парчиња пржени гулаби кои ги отстранувале мртвите клетки од кожата како и сок од лилјан, диња, краставица и лимон, кои благотворно делувале врз кожата.

После миењето на кожата, таа нанесувала тонер во форма на капки „Eau des Charmes“, изработен од винова лоза. За крај на ритуалот, Антоанета на лицето ставала маска од коњак, млеко и едно јајце, која и денес ја користат многу парижанки.

4. Ослободување од стресот со миризливи купки

Иако е вистина дека за време на француската монархија бањањето не било така често и редовно, Марија Антоанета своето време често го поминувала во бањата од своите одаи, каде со часови лежела и уживала во опуштачки купки. Историчарите тврдат дека своите купки најчесто ги зачинувала со пињоли, семки од лен, слатки бадеми со кои ја триела кожата и на тој начин си правела пилинг.

5. Водете сметка за својата коса

Од историјата ја знаеме со огромна седа перика на главата, но најпознатата владетелка имала прекрасна коса со русо-портокалови локни. Антоанета за здравјето и сјајот на нејзината коса нанесувала хидратантни маски изработени од ѓумбир.