Ова само кај нас: Му дозволиле увоз на семе од коноп за магистерска, па го уапсиле за продажба на наркотици


Како е да се биде професионален Counter-Strike играч! ↓↓↓


Граѓанин во мај и јуни лани увезол семе од коноп од Србија за изработка на научна студија, за што му била издадена и царинска декларација со дозвола за увоз, а потоа бил приведен од полицијата и обвинет од ОЈО за недозволена трговија со дроги. Ова е нотирано во годишниот извештај на Коалицијата за сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници, а случајот е пријавен во невладината ХОПС опции за здрав живот, пренесува порталот СакамДаКажам.

Лицето од Србија увезло семе од сортата Канабис Сатива Л Хелена, или индустриски коноп, за изработка на магистерска студија. За тоа имал и дозвола за увоз. Го засадил семето и откако малку нараснало повикал комисија од Институтот за земјоделство да го евидентира насадот. Комисијата излегла на терен и веднаш го пријавиле во полиција, оти наводно во моментот граѓанинот немал уредна документација за увоз. Полицијата излегла на терен и во консултација со Основното јавно обвинителство го привела, му ги одзела растенијата и го обвиниле според член 215 од Кривичниот закон став 1 за недозволена трговија со дроги, психотропни супстанци и прекурзори, вели Драгана Дрндаревска од Коалицијата за сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници.

Таа објасни дека оваа сорта на канабис, позната како индустриски коноп, е растение кое нема психоактивни својства и со тоа не е исполнет условот за кривично дело одгледување, чување и превоз со намера за продажба на дроги и психоактивни супстанци. Според списокот за класификација на супстанци и растенија во листите на меѓународните конвенции за опојни дроги  и психотропни супстанци конопот спаѓа во категоријата опојни дроги. Со измените на овој список во 2016 година на листата се додадени сите видови опојни коноп, со исклучок дека може да се поседува растителен материјал на коноп за научно-истражувачки цели.

Овој список е изменет пред лицето да го увезе семето и надлежниот инспекторат издал позитивно мислење за легален увоз на семето од коноп. Во обвинението, запленетото растение е поистоветено со сортата канабис сатива, која има писхотропни својства и е забранета за одгледување, чување и транспорт, освен за медицински цели, стои во извештајот на Коалицијата за сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници.

Според граѓанските организации овој и уште неколку други слуачаи, кои беа актуелни во јавноста, покажуваат дека со легализација на марихуаната за медицински цели, казните за физичките лица за поседување на која било форма на коноп се поригорозни.

„Препорачуваме либерализација на практиката на полицијата, јавното обвинителство и судовите за лична употреба на коноп, за да се обезбеди правна сигурност за луѓето, кои користат коноп за лични потреби и да се избегнат и нецелисходните затворски казни. Личната употреба на марихуана во земјава не е кривично дело, а надлежните институции ја третираат како кривично дело. Со тоа се прекршува Кривичниот закон и паушално се одредуваат затворски казни и се кршат правата на луѓето што користат дроги“, вели Дрндаревска.