Општеството е она што ние го правиме да биде и она што дозволуваме да биде


Уствари викендов е затишје пред бура! ↓↓↓


Воспитување, двојни стандарди, аномија, капитализам? Впери го прстот… и осуди. Што сега? Општеството е криво? Општеството го сочинуваш ти, значи ти си крив? Или сите сме криви? А никој не е крив. НИЕ сме дел од ова општество, не ТИЕ, не ТОЈ. А најлесно е некој да се обвини. Како може еден пол да биде „воспитан“ а друг не? Едноставно – различниот пристап во воспитувањето, двојните стандарди.

Сите сме дел од општеството и имаме влијание едни врз други но, обвинувањето и угнетувањето базирано само на пол е неосновано и бесмислено. Полот сам по себе не нѐ тера на одредено однесување, туку општеството – учи. Всушност, разликите меѓу мажите и жените, освен оние биолошки и физички, се незначителни. Разликите во однесувањата се научени. Основна грешка е различното воспитување на децата според полот. А во вперувањето прсти еден кон друг единствен победник ќе биде конфликтот. Сѐ од нас започнува, ако бараме некој виновник, погледнете во огледалото. И некој е пообразован, порационален, посвесен но, што кога не знае да подучи… Што кога само го има тоа квантитативно знаење, а пристапот кон конфликти е „ти си крив и заслужуваш казна”. Учење преку казна… но ќе ја сфатиме ли лекцијата? Можеби и е неопходна промена на пристап, на пример наместо мислата да ни биде: „тој е крив” да преформулираме во „како да му помогнам да се промени?”.

Со обвинувањето нема трансформација, има само фокус кон проблемот и само се додава на веќепостоечката мизерија, нема решение. Импулсивната реакција е природна, но дали треба тоа да ни е водич во секојдневната комуникација? Земја во развој, општество во транзиција… кон аномија?! Зарем патот до развојот е со газење врз вредносните норми? Нешто треба и да се поведе со нас кон тој пат, колку да не сме со празни раце (и глави).

Мажите и жените сме послични од што мислиме, делиме повеќе заеднички работи отколку што имаме разлики. А разликите сами си ги правиме, сами се делиме, бидејќи веќе ги прегазивме солидарноста и хуманоста. Си ја зедовме само себичноста по патот кон…којзнае каде. И дозволуваме да ни го редат патот наоколу и зјапаме во безначајни реклами на промоции, а што ли има да ни понуди капиталистичкиот мозок? Често само мижеме и одиме, патот е тој – сите го одат. Воспитувањето и „само по себе” си доаѓа, ни го носат, а и го дозволуваме. Зафатени зјапајќи во светкави реклами, се водиме само по инстинктите – и супер ни е. Тела – објекти но, убави. Ни мислат ли добро или лошо капиталистите? Или не ни мислат воопшто, само за себе си мислат. И дозволуваме да не нѐ мислат, а и ние само за себе си мислиме. И најпосле, виновник? Општеството? Прескокнувајќи чекори на патот кон развојот, каде ли ја посеавме човечноста?

Талески Игор,

Институт за семејни студиии