Огромен пожар му се заканува на манастирот Трескавец кај Прилеп


Како е да се биде професионален Counter-Strike играч! ↓↓↓


Над 50-тина хектари со борова и нискостеблеста шума вечерва горат околу манастирот Успение на Пресвета Богородица – Трескавец кај Прилеп. Пожарот започнал околу 16 часот над новите градски гробишта и тој моментално се шири со огромна брзиина. Гори целата планина околу манастирскиот комплекс. На терен се излезени екипи на против пожарната единица како и доброволци кои упатуваат апел до граѓаните да се вклучат уште вечерва во гаснење на пожарот затоа што постои голема опасност повторно да се запали ова наше светилиште. Се претпоставува дека причина за пожарот е човечки фактор.

„Ги замолувам сите мои сограѓани да дојдат тука да помогнат околу гаснењето на огнот, моментално сме мала група на луѓе и се наоѓаме многу блиску до манастирот Трескавец. Дојдете за да не ни се случи повторно да изгори овој наш храм. Се бориме со надчовечки напори за да го изгаснеме огнот, но тој се шири со огромна брзина“, вели Филип Илиески, еден од доброволците кои го гаснат пожарот.

Во опасност од големиот пожар се и населените места Горно Село, Мажучиште и Забрчани. Вечерва увид гаснењето на пожарот изврши и градоначалникот на Прилеп, Марјан Ристески, кој го осуди намерното подметнување на голем дел од пожарите кои што се на територија на Општина Прилеп. На територија на Општина Прилеп моментално се активни 4 големи пожари.

„Пред се тука би го осудил несовесното однесување на поединци кои се предизвикувачи на голем дел од овие пожари и тука би ги повикал соодветните институции да реагираат, да се пронајдат сторителите на овие кривични дела и да се постапи според законот. Со сите овие пожари е направена огромна материјална штета, се прават големи трошоци кои се на товар на Општината, ТППЕ, Јавните институции и сите кои се вклучени во гаснењето на пожарите. Тука би истакнал голема благодарност до противпожарната едница, јавните претпријатија, ЈП Македонски шуми и секако до мештаните на населените места каде се случуваат овие пожари и кои актиивно се вклучуваат во нивното гаснење. Бидејќи овој пожар е во близина на манастирот Трескавец би упатил апел вечерва и утре да се пријават добровиолци за локализирање на пожарот за да не се прошири до самиот манастир“, изјави Марјан Ристески, градоначалник на Општина Прилеп.

„Пожарот се шири со огромна брзина кон манастирот. Моментално има мали екипи на луѓе кои гаснат.Последниве денови има повеќе пожари на територија на Општина Прилеп, како екипа интервенираме со денови. Гаснењето во вакви услови е отежнато, терените се доста лоши, а температурите се високи. Повикуваме граѓаните да не палат оган на отворен простор и да ја почитуваат забраната за движење во шумите“, истакна Станко Колески, командир на ТППЕ – Прилеп.

Сите доброволци кои сакаат да учествуваат во гаснењето на пожарот кај Трескавец да се обратат до противпожарната екипа во Прилеп или на телефонот 193.