Ограбен музејот Grünes Gewölbe во Дрезден – грабеж тежок над милијарда евра


Вака се слави гол во 120-та минута!!! ↓↓↓


Во Дрезден рано утрово се случи еден од најтешките грабежи на денешницата, во кој разбојници го ограбија еден од најголемите историски музеи во Европа, Зелената ризница (Grünes Gewölbe). Во грабежот разбојниците однесле колекција вредна над милијарда евра, соопшти полицијата.

Германските медиуми јавуваат дека е украдена историска колекција на антички накит.

Во музејот се чува една од најголемите колекции на накит, а според информациите на полицијата, крадците провалиле во историскиот дел на музејот, кој се состои од два дела.

Во едниот се чуваат скапоцености од периодот на Август Втори, до 1733 година, а во другиот, нов оддел, има посебни предмети што на музејот му биле донирани од поединци.

Билд пишува дека во музејот имало прекин на електрична енергија и дека се верува дека станува за саботажа.

Разбојниците побегнале со автомобил и се трага по нив, изјави пред новинарите полицискиот портпарол Томас Гитнер.

Тој додаде дека се верува дека пожарот што избувнал во текот на ноќта на Августовиот мост во близина е поврзан со прекинот на електрична енергија.

Музејот се состои од десет богато украсени простории во кои се изложени околу 3000 парчиња накит и други ремек-дела изработени од злато, сребро, скапоцени камења, слонова коска и друг вреден материјал.

Зградата била оштетена во Втората светска војна, но повторно била обновена. Од повторното отворање во септември 2006 година е едно од најпосетуваните места во Дрезден.

Еден од највредните експонати на музејот во Дрезден, 41-каратниот зелен дијамант, во моментов се наоѓа во Њујорк во Музејот на уметноста Метрополитен.