Home Шоубизнис OFENBACH, NAPALM DEATH, VOJKO V и СТРАЈК пристигнуваат на Д ФЕСТИВАЛ!

OFENBACH, NAPALM DEATH, VOJKO V и СТРАЈК пристигнуваат на Д ФЕСТИВАЛ!

Д ФЕСТИВАЛ кој ова лето ќе се одржува од 12-ти до 14-ти јули во Дојран, може да се пофали со армија фанови кои ја препознаваат неговата вредност и уникатност, па на повеќе од четири месеци до одржувањето, стигнува и потврдата за тоа со веста дека порано од било кога досега, веќе е распродаден првиот контингент влезници.

Причина повеќе за огромниот интерес секако е и првиот бран на изведувачи кој претставува актуелни музички имиња од сите страни на светот и тоа во најголем дел со премиерни настапи во Македонија! Во таа листа, покрај веќе најавениот настап на холандската музичка сензација и трикратни сопственици на „Битпорт Мјузик” наградите, NOISIA (Ноизиа), своите настапи на главната бина ги потврдија уште и најпопуларните нови ѕвезди на француската електронска сцена OFENABCH (Офенбах), бендот кој ги постави темелите на грајндкор сцената NAPALM DEATH (Напалм Дет), во моментов најбараниот изведувач во регионот, сплитскиот рапер ВОЈКО В и гордоста на македонскиот андерграунд хип-хоп СТРАЈК!


За големото отворање на Д ФЕСТИВАЛ ова лето, во петок, 12-ти јули главната бина е резервирана за парискиот музички феномен OFENBACH, најактуелните ѕвезди на денс-поп сцената! На првата фестивалска вечер хитмејкерите зад „Be Mine”, „Katchi” и „Paradise”, за прв пат пред македонската публика ќе настапат со своите енергични траки кои се необичен спој на чил-електро и инструментални делници извлечени од нивната љубов за рокенрол и блуз музиката. Тандемот составен од Дориан Ло и Сезар де Румел, развивајќи го иницијалниот моментум, во 2016-та ја објавија „Be Mine” – хитот кој ги лансираше кај интернационалната денс поп публика и со кој ги освоија топ листите ширум светот. Набргу потоа престижниот „Диџеј Маг” ги прогласи за Најдобар нов талент од Франција, а беа дел и од плејлистата на Најдобри нови таленти на „Спотифај” за 2017-та година. Ofenbach денес можат да се пофалат со повеќе од 250 милиони прегледувања на „Јутјуб” и мулти-платинести синглови, а нивниот серијал со миксови, „Monthly Delights”, на „Саундклауд” привлече култно почитување за нивните внимателно составени плејлисти од нови траки, ремикси и стари омилени хитови.


Истата вечер, на главната бина ќе одекне и врвниот хип-хоп претставен од двајца подеднакво значајни уметници, но претставувајќи комплетно различни стилови на овој музички израз. Од регионот тоа е ВОЈКО В (познат и како Војко Вруќина), сплитски рапер и продуцент познат по својата работа во бендовите „Дјечаци” и „Киша Метака”. Во 2018-та тој одлучи да заплови во соло водите и оствари рекорден успех, веднаш распродавајќи го настапот во Домот на спортови во рамки на промоцијата на деби-албумот, „Војко”. Дека неговото враќање на соло кариерата е одлична одлука, покажа тоа што неговиот прв сингл „Зови човика”, е прегледан речиси 3 милиони пати. Неговата кариера буквално експлодираше и за помалку од една година стана еден од најраспродаваните артисти во регионот. Лани го „сруши интернетот” со објавувањето на „Паста Италијана”, „Не може”, „Како то” и стана моментално најбараниот изведувач во регионот. Годинава е номиниран за дури шест Порин награди меѓу кои и Албум на годината и Песна на годината.

Од подземјето на македонскиот хип-хоп на главната бина на Д Фестивал пристигнува и СТРАЈК, изведувачот за кој не треба посебно објаснување бидејќи неговото дело говори повеќе од доволно! Кариерата ја започнува во 1997-ма, како еден од основачите на Легијата и еден од првите артисти што соработуваа со „Шурикен Рекордс”, каде се појавува на првото издание – „SK Street Beatz”. Во 2001-ва заедно со Блажеј ја формираат групата СТР2 – насловена по графитите на Страјк, кратенка за „Стриктно Тврди Рими/Сон-Темнина/Реалност” – и го објавуваат албумот „Не Заборавај”. Потоа ги остварува и првите настапи како диџеј на Да Џака Накот, со што покрај графитите и рапувањето ја опфаќа и третата гранка на хип-хопот – диџејството, а следува и активната соработка со DJ Гоце (С.А.Ф) со кој соработува и на своите два солистички албуми – „Кутија” и „Земен Рај”. Иако веќе со години ужива култен статус меѓу познавачите на македонскиот андерграунд хип-хоп, својот прв самостоен и веднаш распродаден концерт го одржа дури лани во декември во рамки на Таксират Фестивал. Настапот на Д Фестивал ќе биде неговиот единствен за ова лето.

Последната вечер, недела, 14-ти јули на Д Фестивал доаѓаат и NAPALM DEATH – пионерите на грајндкор сцената со речиси четириесет години кариера. Нивното долготрајно влијание во светот на соничното дивјаштво започна во 80-тите, кога првите два албуми на бендот – „Scum” и „From Enslavement to Obliteration” го подобрија и редефинираа значењето на бруталноста и брзината во светот на панкот, хардкорот и металот. Napalm Death беа – и сè уште се – водени од жестока интелигенција и искрена желба да го направат светот подобар, преку промоција на рационална мисла и почит за сите луѓе, а нивните неуморни потфати на музичката сцена го зацементираа статусот на Napalm Death како екстремни музички легенди. Во последните 20 години, бендот објави поголем број на револуционерни и бестрашни албуми и други изданија кои „постојано прават дупки со тупаници во оградата на хеви музиката”, фалејќи се со неуништиво кредо на креативност и лиричен оган по патот.

Вчитај повеќе поврзани статии
Load More In Шоубизнис
Comments are closed.

Check Also

Хју Џекмен во одлична форма на утринско пливање на плажата Бонди (ФОТО)

Хју Џекмен го започна денот со пливање на плажата Бонди во Сиднеј. Подоцна се сретна со св…