Од понеделник на сила стапуваат рестриктивни мерки – казните се движат од 2.500 евра до 30.000 евра


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Од понеделник, кога на сила стапуваат новите рестриктивни мерки кои повеќе се однесуваат на невакцинираните лица во Македонија, угостителските објекти кои нема да ги почитуваат истите и во кои ќе бидат затекнати гости без сертификат за вакцина против Ковид-19 се соочуваат со казни од 2.500 до 30.000 евра.

Според директорката на Државниот пазарен инспекторат Анета Симеска- Димоска овие казни не се ништо ново, туку станува збор за казни предвидени со Законот за заштита на населението од Ковид-19.

-Казните не се ништо ново, истите се донесени со Законот за заштита на населението од коронавирус, истите се на сила веќе подолго време, така што нема потреба угостителите посебно да се предупредуваат и да се информираат за висината на овие казни. Дали еден објект ќе биде казнет со 2.500 или со 30.000 евра ќе зависи од големината на објектот, но и од бројот на гости кои истовремено ќе бидат затекнати без вакцина. Проценката инспекторите ќе ја направат на лице место, а идејата е секогаш да се казнува со најмалата казна, вели Димоска.

Таа нагласува дека објектот нема да биде казнет само во ситуација ако се потврди дека редарот бил доведен во заблуда со покажување на невалиден или туѓ сертификат за вакцинација.

-Во таква ситуација угостителскиот објект нема да биде казнет, туку физичкото лице, поради лажно претставување, потенцира директорката на ДПИ.

Од Независната угостителска комора велат дека казните не се ништо ново, истите важеле и кога беа на сила останати протоколи предложени од Комисијата за заразни болести, но сметаат дека начинот на казнување нема да биде веродостоен.

– Сепак, никој нема да може со сигурност да потврди дали редарот бил изманипулиран со лажен сертификат или пак свесно пуштил во локалот гости без вакцина, бидејќи редарите нема да смеат од гостите да бараат документ за лична идентификација, вели Здравко Јосифовски од НУК.