Антикорупциска си критикува, предизборните вработувања си течат


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Првиот човек на Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК), претседателката Билјана Ивановска денеска на прес-конференција нагласи дека не е во ред самата постапка за огласи за вработување пред изборниот процес, иако законски не е забрането.

Антикорупциска смета дека тие „не се во духот на доброто управување и дотолку повеќе што веднаш треба да се стават во мирување“.

Според Ивановска, со самото објавување ги ставаат во заложничка позиција оние кои очекуваат да бидат вработени и тоа може да го користат како класичен клиентелизам односно обезбедување гласови.

Катица Николовска од ДКСК информираше дека во изминатата недела примиле 60 барања од мислења на институции. Ова, според неа, значи дека постои правна несигурност во однос на самите институции и бараат согласност од ДКСК.

Таа истакна дека ДКСК нема надлежност да дава мислења по овие предмети, потенцирајќи дека во делот на вработувањата во најголем дел се барањата дали сметат да вработуваат и сл.

„Во делот на измените во Изборниот законик предвидено е дека вработувања може да се вржшат само во дел на неодложни и итни случаи, освен за потребите на воспитно образовниот процес“, рече таа.

Во однос на изборите, ДКСК и годинава ќе соработува со меѓународната фондација за следење на изборните политички системи. На нивната страна е објавен повик за пријавување на 50 набљудувачи за речиси сите општини, а прв пат годинава е објавен и повик за аналитичари со надлежност за анализа на финансиски извештаи, податоци од набљудувачите од терен итн.

Исто така, ДКСК го обновува и регистарот на возила на државните органи, локална самоуправа, јавни претпријатија, како ефективна алатка во контролата на користењето на службените возила за партиски цели и потреби на изборни кампањи.

„На нашата веб страница е објавен и образец за пријавување неправилности или за сомневање за незаконско користење на државните ресурси во делот на изборната кампања“, рече Николовска, повикувајќи ги граѓаните да ги користат овие алатки без да се плашат дека ќе бидат обелоденети нивните податоци или некој ќе може да врши притисок врз нив.