Како е да се биде професионален Counter-Strike играч! ↓↓↓
Еден од капиталните проекти за Прилеп е секако проектот за јавен градски превоз. Јавниот градски превоз како одделение при Јавното Претпријатие за Просторни и Урбанистички Планови, започна да функционира од април 2014 година со три линии низ градот Прилеп и тоа:
Линија 1: Хотел Салида-Нови Гробишта со почеток во 06:30 до 13:30 на секои 30 минути и Хотел Салида-Трло (Варош) после 14:00 часот до 20:30 часот;
Линија 1А: Нови Гробишта – Хотел Салида со почеток во 06:30 до 20:30 на секои 30 минути и Трло (Варош) – Хотел Салида после 14:30 до 20:30 часот;
Линија 2: Рид (Ридтекс) – Економски факултет со почеток во 06:30 до 20:30 на секои 30 минути;
Линија 2А: Економски факултет – Рид (Ридтекс) со почеток во 06:30 до 20:30 на секои 30 минути;
Линија 3: АМСМ-Ресторан Амфора со почеток во 06:30 од АМСМ на секои 60 минути до 20:30 часот.
Превозот на патници на трите линии се врши со 5 нископодни автобуси.
Наплатата се врши во самите автобуси со монети или со електронски картички кои можат да се купат во наплатниот центар.
Цената на едно возење со монети е 20 денари, додека со електронските картички цената на едно возење е во зависност од бројот на возења, во просек 15 денари за едно возење. Со што Прилеп има најефтин градски превоз во Македонија.
Студентите кои студираат на факултетите во Прилеп имаат бенефиции за бесплатен јавен градски превоз. За учениците и другите студентите пак има повластени цени за електронски картички каде едно возење изнесува 7 денари. Лицата со инвалидитет се ослободени од плаќање. Со ова Прилеп само уште еднаш потврдува дека има најефтин превоз за сите категории на граѓани.
Јавниот градски превоз е капитален проект кој се воведе за прв пат во историјата од постоењето на Прилеп во 2014 година. Ова е еден од покапиталните проекти кои ги спроведе и реализираше оваа локална самоуправа. Проектот се реализираше по долгогодишно барање и реална потреба на граѓаните. Јавниот градски превоз за овие 3 години од неговото постоење се покажа како голем бенефит за сите жители на Општина Прилеп. Во голем дел градскиот превоз е субвенциониран од буџетот на локалната самоуправа
Во 2014 и 2015 година во просек се превезени од 800 до 1.000 патници дневно, или годишно од 250.000 до 300.000 патници.
Во 2016 овој просек изнесува од 1.300 до 1.500 патници дневно, или годишно од 400.000 до 450.000 патници.
Покрај превозот на патници, јавниот градски превоз врши и превоз на ученици со дополнителни четири автобуси.
Наредно што се планира околу јавниот градски превоз е следното:
Набавка на нови нископодни автобуси, со што ќе се овозможи поефикасен, поудобен и поквалитетен градски превоз.
Пуштање во функција на повеќе нови линии кои ќе ги опфатат деловите во градот кои не се опфатени со постоечките линии. Како на пример линија за населбата Тризла каде живее ромското население, линија за населбите над ООУ „Гоце Делчев“, населбата која се наоѓа наспроти компанијата Жито Прилеп, како и линија кон Типската населба.
По набавувањето на новите автобуси се планира воведување на градски превоз и до населените места по фази :
Во првата фаза ќе бидат опфатени приградските населени места : Селце, Мажучиште, Мало и Големо Коњари, Кадино село, Галичани, Беровци, Алинци, Старо и Ново Лагово, Загорани и Веселчани.
Во втората фаза ќе биде опфатен Тополчанскиот регион : Чепигово, Тројкрсти, Тополчани, Клепач, Ерековци, Канатларци и Подмол.
Во третата фаза ќе бидат воведени редовни линии во пазарните денови за Витолиште и Големо Радобил.
Планирано е да се набават електрични мини буси за централното градско подрачје кои би се користеле и за превоз на туристи до манастирите и локалитетите околу Прилеп.
Поставување на автобуски постојки на автобуските стојалишта каде што нема поставено.
Осовременување на автобуските постојки со информативни табли за следење на автобусите во реално време и дојава за пристигнување на самата постојка.
Електронско следење на автобусите и електронско вадење на карти преку мобилен телефон и интернет.
Како и изградба на сопствена автобаза, терминал, во чиј состав би функционирале: сервисен центар, сервис за одржување на хигиената на возилата, сопствена пумпа за гориво и паркинг простор за автобусите (отворен и затворен дел). Таа автобаза ќе биде сместена кај Сточниот пазар.
Градскиот превоз како изворна потреба на сите граѓани и понатаму ќе биде еден од главните приоритети на оваа локална самоуправа. Сите граѓани кои имаат некаква идеја или сугестија за подобрување на градскиот превоз слободно можат да се обратат до Јавното претпријатие за градски превоз.