Обвинителот Лапе за пресудата за „Тортура“: Со ова се испраќа порака дека таков начин на апсење е дозволен и законски


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


После изрекувањето на судската пресуда за случајот „Тортура“ од страна на судијата Александра Ристеска, изјава за медиумите даде обвинителот кој го водеше обвинението, Љубомир Лапе.

Тоа што судечкиот совет од Основниот кривичен суд на чело со судијката Александра Ристеска претходно одлучи да ја преотвори главната расправа за предметот „Тортура“, за обвинителот Лапе било еден вид на увертира дека ќе следува ослободителна пресуда за Сашо Мијалков и „алфите“ за начинот на кој беше уапсен Љубе Бошкоски во 2011 година.

На забелешките од судот дека обвинението не било допрецизирано во однос на индивидуалните дејствија, Лапе одговара со истиот став како и претходно – обвинението е јасно. Ослободителната пресуда, според него, испраќа и погрешна порака дека начинот на кој беше уапсен лидерот на Обединети за Македонија е дозволен и законит.

„Мислам дека обвинението е доволно прецизно и детално се опишани сите дејствија како соизвршителски дејствија и тоа дополнително го објаснив и во завршниот збор и во преотворањето на главната пресуда … Во модерните демократски и цивилизирани општества, ваквиот начин на лишување од слобода е забранет и санкциониран. Судот пропушти да ги санкционира сторителите, според мене, во ситуација на јасни и недвосмислени докази. По добивање на пресудата секако дека ќе вложиме жалба на сите околности, а особено затоа што сметам дека се испраќа погрешна порака дека ваквиот начин на апсење е дозволен и законит“,

изјави Лапе во одговорите на новинарските прашања.