Обамејанг го одби новиот договор од Борусија, сака само во Милан


Спасе Манев (Патувања низ Македонија): Ги откриваме скриените убавини на Македонија ↓↓↓


Ѕвездата на Борусија Дортмунд, Пјер Емерик Обамејанг одбил да го продолжи договорот со германскиот клуб, бидејќи сака ова лето да се пресели во Милан.

Ова го потврди германскиот „Скај Спорт“ кој тврди дека Обамејанг настојува да му биде дозволено да се пресели на „Сан Сиро“, иако Борусија Дортмунд сака да го задржи во своите редови и му понуди нов договор.

Раководството на германскиот клуб изјави дека Обамејанг ќе остане бидејќи времето за трансфер изминало, но напаѓачот наводно веќе постигнал комплетен договор со „росонерите“.

Имено, Милан му понудил плата од 8,5 милиони евра по сезона која со бонуси може да достигне до 10 милиони евра, па сега играчот инсистира да му биде дозволена преселба на „Сан Сиро“.

Италијанските медиуми тврдат дека Милан следната недела ќе испрати последна понуда од 70 милиони евра и се надеваат дека Дортмунд ќе ја прифати со оглед на желбата на самиот фудбалер.

Обамејанг професионалната кариера ја започна токму во Милан, каде од 2008 до 2011 година имаше и професионален договор, но не доби шанса на „Сан Сиро“ и во главно беше испраќан на позајмици, а потоа и продаден во Сент Етјен.