„Нова просторија во Големата пирамида“: Откриен загубен албум на Колтрејн од 1963

Албумот со претходно никогаш чуени оригинални композиции од легендарниот џез саксофонист Џон Колтрејн беше откриен 55 години после неговото снимање.

Новооткриениот албум на Џон Колтрејн, саксофонистот кој џезот го издигна во нови сфери на експресија и слобода, дава нов увид и слух на неговото комплетно музичко џез творештво.

Загубениот албум насловен како Both Directions at Once бил снимен на 6 март, 1963 година, во Ван Гелдер студиото во Њу Џерси. Заедно со Колтрејн на албумот свири и остатокот од легендарниот квартет кој заедно сними култни џез класики – Џими Гарисон на контрабас, Елвин Џонс на тапани и МекКој Тајнер на пијано.

Мастерот оставен во студиото бил загубен, и најверојатно бил уништен во раните ’70-ти години на минатиот век. Но, Колтрејн ја подарил својата снимка ја подарил на неговата сопруга Наима, иако во тоа време тие имале нарушени односи – парот се разведе во 1966 година, а примерокот оттогаш останал во сопственост на нејзиното семејство.

Сони Ролинс, проучувач на делото на Колтрејн и сметан за еден од најдобрите џез саксофонисти на сите времиња, ова музичко откритие го опишува „како пронаоѓање на нова просторија во Големата пирамида во Гиза“.

Помеѓу седумте композиции на албумот, има два досега нечуени оригинални композиции именувани како Untitled Original 11383 и Untitled Original 11386, и двете отсвирени на сопран саксафон. Друга композиција од албумот, One Up, One Down, досега е чуена само во верзија во живо отсвирена во Birdland џез клубот во Њујорк, никогаш во нејзината студиска верзија.