Нов земјотрес со јачина од 4,9 степени според Рихтер ја потресе Македонија – потресот предизвика одрон на патот Маврово-Дебар


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Откако рано утрово, во 4:55 часот, Македонија ја потресе земјотрес со јачина од 5 степени според Рихтеровата скала, нов потрес со јачина од 4,9 степени според Рихтер беше почувствуван попладнево во 15:25 часот во Македонија и Албанија.

Тој бил на оддалеченост од 20 километри југозападно од Гостивар, од четврта категорија според тоа колку бил почувствуван и на длабочина од 10 километри.

Претходно денеска беа регистрирани два земјотреса со јачина од 3,8 и 3,6 степени според Рихтеровата скала во временски интервал од еден и пол час.

Овие два потреси следуваат по првиот земјотрес, кој беше почувствуван на цела територија на нашата држава во 04:56 часот утрово, со јачина од 5 степени според Рихтеровата скала со епицентар во селото Леуново, во Мавровскиот Регион, на 15 километри од Гостивар.

Последователните потреси од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје ги објаснија како афтершокови, кои се со помала јачина од главниот потрес.

На Фејсбук странат на Месната заедница Галичник се објавени фотографии од настанатите штети предизвикани од потресот, на кои може да се види дека испукале ѕидовите во неколку куќи.

„Ве информираме дека од земјотресот во 15.25 часот има настанато штета во одделни куќи во Галичник. Би било пожелно сопствениците на куќите да ја проверат состојбата на истите и доколку има настанато штета, штетата да се пријави на надлежните институции“, стои во објавата.

Земјотресот попладнево кој се случи во Општина Центар Жупа, во близината на Маврово, придонесе за одрон на патот Маврово – Дебар.

Од АМСМ ни изјвија дека екипи работат на расчистување на патот.

„Поради одрон, патот Маврово – Дебар е во прекин. Се работи на расчистување на патот, и обезбедување на проток на сообраќајот“, ни изјавија од АМСМ.