Нов рекорд од Хонг Конг – стан продаден за вртоглави 49 милиони евра


Уствари викендов е затишје пред бура! ↓↓↓


Иако Хонг Конг последниве години поминува низ најтешката рецесија која го има снајдено, тамошниот пазар за недвижнини сè уште цвета.

Оттаму доаѓа нов рекорд за цена која е платена за еден станбен простор. Во Хонг Конг беше продаден нов стан од 313 квадратни метри за 49 милиони евра, што е рекордна цена од 156.000 евра за метар квадратен, објавија денеска локалните медиуми.

Апартманот со пет соби, кој се наоѓа во елитниот кварт на Хонг Конг на ридот Мид-левелс, е купен за 459,4 милиони хонгконшки долари, но тоа не е рекорд кога станува збор за недвижнини во овој посебен административен регион на Кина.

Но, неговата цена по квадратен метар е без преседан и ги одразува разликите во богатството во поранешната британска колонија.

По повеќемесечните протести во текот на 2019 година, економијата во Хонг Конг ја чувствува целата тежина на ефектите од пандемијата и затворањето на границите.

БДП на овој полуавтономен регион на Кина опаднал за рекордни 6,1 проценти во 2020 година, а стапката на невработеност во моментов е 6,6 проценти, највисока во последните 16 години.

Хонг Конг е без сомнение град на неверојатни контрасти.

Од една страна, на нејзините улици може да се забележи концентрација на екстравагантни луксузни автомобили, а од друга страна огромен број стари лица кои собираат остатоци од картон за да ги однесат на рециклирање и заработуваат мали пари само за да преживеат.

Но, оваа продажба потврди дека пребогатиот Хонг Конг не поминува низ криза.

Цената за квадратни метри што ја платил непознат купувач за овој имот го сруши претходниот рекорд од 2017 година.