Нормализирањето на сообраќајот во Суецкиот канал ја нормализираше и цената на нафтата


Вака се слави гол во 120-та минута!!! ↓↓↓


Откако насуканиот транспортен брод „Евер Гивен“ беше ослободен во Суецкиот канал и сообраќајот по оваа водена делница се нормализираше, цените на нафтата паднаа на меѓународните пазари под 64 долари за барел. Вниманието на трговците повторно се насочи на слабата побарувачка.

На лондонскиот пазар цената на барелот падна 63 центи во однос на претходното затворање, на 63,94 долари, а за истиот износ падна и на американскиот пазар, каде со барелот се тргуваше за 60,34 долари.

Бродот Евер гивен го блокираше минатиот вторник Суецкиот канал по песочна бура и силни ветришта кои ја намалија видливоста. Големиот брод им го попречи патот на стотици бродови по поморскиот премин низ кој се одвива 12 отсто од светската трговија. Сообраќајот се нормализираше денес попладне, но водечките превозници предупредуваат дека отстранувањето на нарушувањето во транспортот би можело да потрае со недели.

„Суецката миникриза е при крај и пазарот на нафта е повторно препуштен на вообичаените проблеми“, констатираше аналитичарот на ПВМ оил асошиејтс Тамас Варга.

„Вниманието ќе се насочи кон спорите програми за вакцинирање, навидум несопирливиот раст на бројот на заразени во некои делови на светот и на претстојниот состанок на ОПЕК, најавен за 1 април“, додаде тој.

Цените во минатите недели силно осцилираа бидејќи трговците и инвеститорите се обидуваа да го проценат влијанието на блокадата на клучниот поморски пат врз светската трговија и поширокиот ефект на мерките на карантин со кои се обидува да се успори заразата со коронавирусот. Многу европски земји повторно воведоа остри мерки за да го сузбијат бранот на заразување, што ја притисна побарувачката за нафта, а со тоа и цените.

Поддршка на цените им пружаат очекувањата дека Организацијата на земји извознички на нафта (ОПЕК) и нејзините сојузници на неделната средба ќе го одржат ниското ниво на производство. Русија ќе поддржи непроменето производство на ОПЕК, но ќе бара да ѝ се зголеми релативно скромно зголемување за да ја покрие сезонски условената побарувачка. Се очекува цените да продолжат да осцилираат.