NLB нема да исплаќа дивиденда после препораката од


Уствари викендов е затишје пред бура! ↓↓↓


Прва од банките која ја прифати препораката на Народната банка на Македонија да не исплати дивиденда на своите акциоенри е NLB банка.

„Предлагаме распределба на реализираната добивка за 2019 година – прво во нераспределена добивка во износ од 1.672.270.392 денари (27,19 милиони евра) и задржана заработувачка за инвестиции во износ од 177.647.606 денари (2,89 милиони евра)“, истакнуваат од NLB и додаваат дека остварената добивка за 2019 ќе биде на тековно располагање на Банката за ликвидносни цели.

Монетарната власт им препорача на македонските банки добивката што ја оствариле лани, да ја искористат за зголемување на капиталот, наместо да ја делат за дивиденди на своите акционери.

„Во рамки на интензивната комуникација со банките во овој период во врска со нивната подготвеност за справувањето со потенцијалните негативни последици од вирусот ковид-19, Народната банка им укажа дека очекува како и досега, тие да покажат високо ниво на прудентност, вклучително и при носењето на одлуките за распределба на добивката остварена минатата година“, апелираа од Народна Банка.

Притоа, додаваат од НБМ, нивните надзорни и управни одбори се известени дека како надлежен регулаторен и супервизорски орган очекуват добивката остварена во измината година да се стави во функција на натамошно зголемување на капиталот и финансискиот потенцијал на банките и над минималните законски и супервизорски барања, односно за градење дополнителен простор над нив.

„Како што им е укажано, банките треба да се подготвени да обезбедат поддршка на редовното работење на граѓаните и фирмите коишто се нивни клиенти, задоволување на квалитетната кредитна побарувачка, при истовремено покривање на евентуалните кредитни загуби како последица на ефектите на вирусот КОВИД-19 врз домаќинствата и правните лица. Високото ниво на прудентност при носењето на одлуките за распределба на добивката ќе придонесе за натамошно успешно одржување на сигурноста и стабилноста на банкарскиот сектор, а со тоа и за одржување на финансиската стабилност“, објаснуваат од централната банка.