Нејмар претставен во Париз: Срцето ме донесе тука, а не парите!


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Најскапиот фудбалер во историјата на фудбалот, Нејмар денес и официјално беше претставен како нов фудбалер на Пари Сент Жермен.

Трансферот на Нејмар е главна вест во сите светски медиуми бидејќи ПСЖ за него плати 222 милиони евра, а Бразилецот ќе биде најплатен фудбалер во историјата.

На претставувањето Нејмар потенцираше дека не дошол во Париз поради парите, туку да освојува трофеи и е спремен да дебитира уште утре против Амиен.

„Срцето ме донесе овде во Париз. Со Барса освоив се што можеше да се освои, но сакав нешто поголемо, сакав уште поголем предизвик. Ова беше најтешката одлука во мојот живот, но убеден сум дека го направив вистинскиот избор. Четири години сум во Европа и ПСЖ е еден од најсилните тимови. Не дојдов овде поради парите, оние кои ме познаваат знаат дека парите никогаш не ми биле мотивација. Го следам своето срце, а не патот на парите“, изјави Нејмар.

„Веќе се чувствувам како дома во Париз. Едвај чекам да дебитирам. Што се однесува до мене, јас сум спремен да играм уште утре, но треба да разговарам со тренерот. Сакам да појаснам дека Меси нема никаква врска со мојата одлука да заминам од Барселона, Лео и понатаму останува мојот идол“, додаде Бразилецот.

Првиот човек на ПСЖ, Насер Ал Келаифи изјави дека имаат голем респект кон Барселона и дека клаузулата била платена на транспарентен и легален начин.

„Клаузулата ја уплативме ние, на најтранспарентен и легален начин. Имаме голем респект кон Барселона. „Го доведовме најдобриот играч во светот и пресреќни сме поради овој трансфер“, изјави Ал Келаифи.