НБС го стави македонскиот денар на девизната листа на валути во Србија – еве што значи тоа


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Народната банка на Србија (НБС) го вклучи македонскиот денар во листата на валути со кои се тргува на тамошниот девизен пазар. Одлуката стапува на сила на 1 ноември 2022 година.

Проф. д-р Томе Неновски, поранешен заменик на гувернерот на Народната банка, за „Локално“ вели дека таквата мерка на Република Србија ќе го олесни тргувањето меѓу двете земји.

– Би ја крстил како локално (меѓудржавна) конвертибилност на денарот. Македонските фирми ќе можат да плаќаат во денари и на тој начин да го олеснат плаќањето на своите обврски кон српските партнери без да користат евра, долари или други светски валути за чие купување би плаќале соодветни провизии или курсни разлики, а плаќањата би ги вршеле според курсот на динарот спрема денарот, кој ќе се формира на српскиот девизен пазар, изјави Неновски за „Локално“.

Во однос на тоа што значи овој потег на Народната банка на Србија за извозот, и поконкретно за иницијативата „Отворен балкан“, професорот додава дека ова значи и обратна реализација за српските фирми кои увезуваат стоки од земјава.

– Тие би купувале денари на српската берза за да плаќаат во Македонија, истакнува поранешниот заменик на гувернерот на НБ.

Како што се наведува во соопштението на НБС, „при одлуката за вклучување на македонскиот денар во листата на валути со кои се тргува на домашниот девизен пазар, Народната банка на Србија се водеше од развиените економски и други форми на соработка меѓу Република Србија и Република Северна Македонија, како и потенцијалот за понатамошен развој на оваа соработка, особено по започнувањето на иницијативата „Отворен Балкан“.

Бидејќи иницијативата „Отворен Балкан“ претставува, велат, одговор на барањата на економијата и реалниот сектор и поддршка на постоечките регионални иницијативи, воведувањето на македонскиот денар во листата на валути со кои може да се тргува во Србија треба да го олесни постигнувањето. на дефинираните цели на таа иницијатива.