Намалување на бројот на хоспитализирани пациенти со КОВИД-19 – Филипче апелира граѓаните да бидат претпазливи и да почитуваат мерки


Вака се слави гол во 120-та минута!!! ↓↓↓


Вкупниот број на хоспитализирани пациенти во земјава, позитивни и сомнителни на ковид-19 изнесува 1.641, што е намалување за 26 во однос на вчерашниот ден, кога имаше 1 667 пациенти во болниците.

Според денешните извештаи од болниците, слободни се и 380 кревети.

Сепак, министерот за здравство предупредува дека мора да се почитуваат мерките.

„Бројот на хоспитализации во болниците, се намалува, а се зголемува бројот на исписи на пациенти со ковид, се намалува и бројот на позитивни пациенти, што значи дека мерките даваат резултати. Без разлика што бројките паѓаат, периодов мора да бидеме исклучително претпазливи, поради непредвидливоста на вирусот“, рече Филипче по утринската координација со директорите на клиниките.

Од вкупниот број хоспитализирани (1 641), во ковид-центрите во главниот град се лекуваат 689, додека другите 952 се во болниците во другите градови.

Во последните 24 часа во Скопје биле хоспитализирани 68 нови, а дома се пуштени 64 излекувани пациенти.

Во моментов на Инфективната клиника има 147 пациенти, а во Градската општа болница „8 Септември“ 139.

Во ковид-центрите на интерните и на хируршките клиники, пак, се лекуваат 286 пациенти.

На Институтот за физикална медицина и рехабилитација има 53 пациенти, на Институтот за белодробни заболувања кај деца Козле 36, а на Клиниката за детски болести има 23 деца позитивни на ковид-19 вирусот. На Клиниката за гинекологија, пак, се лекуваат 5 позитивни пациентки.

Кога станува збор за состојба во болниците од внатрешноста, најмногу хоспитализирани има во Битола – 124, Прилеп – 107, Струмица – 104 и Куманово – 103.

Во штипската болница се лекуваат 93 пациенти, а во охридската 90. Во Велес има 88, Кавадарци 58, Гостивар 45, Тетово 39, Кичево 35, Кочани 25, Гевгелија 22 и Струга 19.