На Косово уапсен Алил Демири осуден на доживотен затвор за масакрот кај Смилковско Езеро


Шанса да станеш YouTuber! Приклучи се! ↓↓↓


Косовското МВР во соработка со македонската полиција, денеска во Косово го уапси 38-годишниот Алил Демири осуден на доживотен затвор за петкратното убиство кај Смилковско Езеро во 2012 година.

Оттогаш е всушност тој во бегство и од 2012 година се бара со меѓународна потерница, исто како и Африм Исмаиловиќ, кој уште не е најден.

Демири е осуден за кривично дело „тероризам”. Тој, според информациите добиени од косовската полиција, ќе биде изведен пред надлежен судија во Косово.

Екстрадицијата оди преку двете министерства за правда.

„Министерот за правда Кренар Лога е известен од МВР дека бараниот Алил Демири е лишен од слобода во Косово”, ни изјавија од кабинетот на Лога.

За тероризам избеганите на Косово Алил Демири и Африм Исмаиловиќ, како и Агим Исмаиловиќ кој е тука, во затвор, Судот ги осуди на доживотен затвор за убиството на: Цветанчо Ацевски, Кире Тричковски, Александар Наќевски и Филип Славковски, на возраст од 18-20 години, како и на рибарот Борче Стевковски.

За организирање на бегството на Алил и Африм на Косово, Фејзи Азири е осуден на вкупна казна од 15 години, зашто стариот закон по кој се водеше овој предмет по вторпат, не дозволува збирната казна да биде над 15 години.

Хаки Азири за превоз на тројцата по убиството (за помагање во тероризам), осуден е на вкупна казна од 9 години затвор.

На сите, во овие казни им се пресметуваат годините што досега ги одлежале, од првата пресуда пред Врховниот суд да ја укине и предметот на крајот на 2017 година да го врати на повторно судење.

Втората и конечна пресуда беше изречена во 2021 година, од сега покојниот судија Огнен Ставрев, а потоа беше потврдена и од Апелациониот суд Скопје.