Можат да останат со месеци таму: Драматично пронаоѓање на тајландските момчиња кои исчезнаа пред 10 дена


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Дванаесетте тајландски момчиња на возраст од 11 до 16 години, заедно со нивниот 25-годишен фудбалски тренер, кои десет дена се водеа за исчезнати, беа пронајдени во една пештера после деветдневна потрага по нив.

Момчињата и фудбалскиот тренер исчезнаа минатата сабота откако решиле за време на нивното авантуристичко истражување на десет километри долгиот пештерски комплекс Там Луанг во покраината Чианг Ра, и покрај знаците за предупредување на посетителите дека мрежата комори и премини во пештерите се често поплавени. Дванаесетте момчиња влегле во пештерата во близина на границата со Мјанмар и Лаос во саботата по фудбалски тренинг.

Тие беа најдени на длабочина од еден километар. Објавена е снимка од моментот на нивното спасување. Тајланѓаните реагираа со големо одушевување и олеснување, исто како и спасениот тим.

На снимката од спасувањето се слуша глас на спасувач кој ги прашува колку се во групата, а момчињата одговараат „тринаесет“. „Доаѓаме по вас, многу луѓе доаѓаат“, кажува спасувачот. Изгубените момчиња го прашуваат кој ден е.

„Понеделник е, бевте тука десет дена. Многу сте силни, доаѓаме“, одговара спасувачот. Момчињата неколку пати му кажуваат дека се гладни и дека им треба храна, а спасувачот им кажува дека доаѓаат и храна и доктори.

„Потврдувам дека се сите на безбедно“, изјави гувернерот на регионот Чианг Раи Норонгсак Осотанакорн вчера. Членовите на семејствата на изгубените момчиња ја примија веста со олеснување.

Осотанакорн изјави дека мисијата на спасување сѐ уште не е готова и дека екипите во следните 48 часа ќе се обидат да ја испумпаат водата од пештерата и да испратат медицински лица да ги прегледаат момчињата пред да ги извлечат. Тој додаде дека момчињата и нивниот тренер можеби ќе мора да нуркаат за да излезат од пештерата, што го опиша како најлошо можно сценарио.

Спасувачките екипи изјавија дека се очекува дожд кој би можел да го отежне спасувањето. Британската служба БЦРЦ изјави дека дошло до краток прекин на монсунските дождови и нивото на водата паднало, но условите за нуркање уште се тешки. Тајланѓаните ја водат спасувачката мисија, а им помагаат Британија, Кина и Австралија.

Тајландската војска соопшти дека во најлош случај мисијата за спасување ќе потрае уште неколку месеци. Во случај на обилни дождови, момчињата ќе мора да научат да нуркаат или да чекаат да се повлече водата, што може да потрае и до четири месеци.