Спорт

Монтела: Не е крај на засилувањата, сакам уште тројца!

Тренерот на Милан, Винченцо Монтела во опширно интервју кое го даде за „Газета дело Спорт“ ги откри плановите на клубот до крајот на трансфер пазарот.

Милан е еден од најактивните клубови на трансфер пазарот и веќе донесе девет нови засилувања, но не мисли да застене тука, а Монтела откри дека до крајот на преодниот рок ќе пристигнат уште три засилувања.

„Моравме да настапиме агресвно на трансфер пазарот доколку сакаме да ја намалиме разликата со Рома и Наполи. Овој тим кој Милан го гради ова лето ќе трае долго и ќе има голема вредност и после неколку години, без разлика кој ќе биде тренер. Се надевам дека јас ќе бидам тој кој ќе го врати клубот на врвот, но тимот сеуште не е комплетиран“, истакна Монтела и додаде:

„Фокусот сега е на врвен напаѓач, но сакаме да донесеме и уште еден крилен напаѓач и еден играч за врска. Меѓутоа сега тимот има силна основа и не брзаме околу овие трансфери, има време до крајот на преодниот рок“.

Монтела потоа проговори за трансферот на Бонучи и потврди дека тој бил иницијатор директорите да започнат преговори за италијанскиот дефанзивец.

„Јас ова лето сонувам, а за среќа соновите ми се исполнуваат. Веднаш штом дознав дека постои шанса Бонучи да замине од Јувентус инсистирав Мирабели и Фасоне да го донесат во Милан. Тие не веруваа дека е возможно, но јас по десет пати на ден им праќав СМС и им го барав Бонучи. Лео е еден од најдобрите дефанзивци во светот и ќе биде огромно засилување, тој е вистински лидер“, истакна Монтела кој порача дека сеуште е рано да се размислува за Скудето и дека целта е пласман во Лигата на шампиони следната сезона.

To Top