МОЈОТ РОДЕН ГРАД – Концерт на камерно-солистички дела на композиторот Властимир Николовски во Прилеп


Аргентина на се или ништо, сега мора против Очоа - 7 ден ↓↓↓



Во годината кога СОКОМ го одбележува својот 75ти јубилеј, НУЦК „Марко Цепенков“ во соработка со ансамблот КонТемпора (при СОКОМ) организира концерт посветен на еден од композиторите што ја изградиле музичката култура и наследство со своето богато творештво, дела на кои во неговиот роден крај не сме се навратиле повеќе од четириесетина години (можеби и повеќе), дела што го сочинуваат фондот на македонската музичка творечка историја, композиторот роден во Прилеп – академик Властимир Николовски.

Од богатото творештво на Николовски, СОКОМ направи избор и ги обезбеди партитурите за неколку камерно – солистички дела кои ќе бидат изведени на овој концерт. Избраните дела од овој композитор се ретко застапени на концертните подиуми поради тежината и комлексноста која што со себе ја носи неговата современа творечка мисла.

Творештвото на Властимир Николовски, кој припаѓа на втората генерација македонски повоени композитори, е исклучително богато и разновидно. Опфаќа над 140 музички композиции од речиси сите видови и жанрови на класичната музика. Особено маркантни се неговите вокално-инструментални композиции (ораториуми, кантати) и неговите оркестарски дела. Понекогаш во нив се потпирал врз најдлабоките слоеви на македонската музичка традиција (пр. ораториумот „Клименту“ во кој се користени оригинални текстови на Климентовите ученици). Највисоките творечки дострели Властимир Николовски ги постигнал на полето на хорската музика и во делата во кои доминира вокалот.

Ансамблот „КонТемпора“ при СОКОМ, камерен состав кој делува на полето на современата инструментална и вокално – инструментална музика, ориентиран е кон претставување на нови дела од домашни и странски автори, одржувајќи ја неопходната интеракција помеѓу македонската музичка култура и светот низ изведби на новосоздадените дела на македонските автори, но и на композитори од останатите делови на светот. Од 2014та до денес, ансамблот има претставено околу 60 премиерни дела, настапувајќи на повеќе значајни фестивали низ Македонија: „ДММ“, „Скопско лето“, „Охридско лето“, „Златна лира“, „Есенски музички свечености“, „Денови на балканска современа музика“, како и во странство. Ансамблот соработува со солисти – инструменталисти и пејачи, а во зависност од репертоарот, делува во повеќе формации. Овој пат акцент се става врз вокално – инструменталното творештво на композиторот Властимир Николовски, а КонТемпора ќе го претставуваат: Горан Начевски – баритон, Елена Атанасовска – пијано, Ана Митоска – сопран, Христина Никоска – пијано. Низ делата публиката ќе ја спроведе модератор – проф. д-р Валентина Велковска – Трајановска, која ќе се наврати на сеќавањата за овој композитор и неговите творечки импресии.

УЧЕСНИЦИ:

Валентина Велковска – Трајановска – модератор
Солисти:


Горан Начевски – баритон


Елена Атанасовска – Ивановска – пијано


Ана Митоска – сопран


Христина Никоска – Тасеска – пијано

Слика за плакат: Лидија Митоска – Ѓорѓиевска

ПРОГРАМА:
– „Младински албум“ соч. 17 бр.1 за пијано (1960)
– „Ленка“ оп. 35 бр.2, за висок глас и пијано (1971)
– „Сатир“ бр.1 оп. 22, циклус за длабок глас и пијано (1962)
– Три лирски прелудиуми, оп.17 бр.2 за пијано (1962)
– „Македонка“ (Елегија, Проклетство, Закана) оп.23, за длабок глас и пијано