Милошоски: Да се тргне европското знаменце од Законот за јазиците

Да се повлече законот за јазици, бидејќи се злоупотребува ’европското знаменце’, вели пратеникот на ВМРО ДПМНЕ Антонио Милошоски.

„Расправата на оваа комисија е класична политичка злоупотреба, затоа што предлог законот нема никаква допирна точка со акт на ЕУ, туку е резултат на политички договор“, рече Милошоски.

„Барам да се повлече законот бидејќи е спротивен на уставот и сите законски прописи. Барам министерот за правда да каже со кој акт или европска директива се усогласува законот. Барам и присутните дипломати да кажат кој е актот со кој се усогласува законот. Ставањето на европското знаме е само смоквин лист за покривање на неуставноста и да се избегне дебата. Ги криете партиските интереси зад европското знаме”, рече Милошоски.

Илија Димовски побара за Предлог Законот за употреба на јазиците да се расправа прво на матичната комисија за политички систем.

На денешната комисиска расправа присутни се претставници на меѓународната заедница, претставници од американската амбасада во Скопје, од ОБСЕ…

Фото: НоваТв