Милијардерот Ма од Алибаба: За 30 години извршни директори ќе бидат роботите


Вака се слави гол во 120-та минута!!! ↓↓↓


Кинескиот мултимилијардер и челник на компанијата за е-купување, Алибаба, предупреди дека светот може да доживее децении страдање поради промените кои ќе ги предизвикаат интернетот и технологијата во различни стопански гранки, а за 30 години отсега, веројатно, роботите ќе бидат водечки директори.

Во текот на говорот на средбата на кинески претприемачи и економисти овој мултимилијардер ги повика светските влади да спроведат реформи на образованието, нагласувајќи дека луѓето би требало да соработуваат со машините.

Во наредните 30 години во светот ќе има значително повеќе страдање затоа што во меѓувреме ќе се соочиме со многу повеќе проблеми, рече Ма, алудирајќи на проблемите на пазарот на труд предизвикани од технологијата.

Основачот на Алибаба предупреди дека општествените судири би можеле да имаат големо влијание на сите аспекти од животот. Неговата компанија инвестираше многу во вештaчката интелигенција и работата во облак, со тоа ширејќи се во нови сектори од интернет трговијата.

Ма нагласи дека пред 15 години одржал неколку стотини говори во кои предупредувал на влијанието на интернет-трговијата врз традиционалниот начин на работа, но како што истакна, луѓето не обрнувале внимание на неговите зборови бидејќи бил непознат.

Кинескиот мултимилијардер предупреди дека секоја работа која не е врзана за интернет ќе има тешкотии во иднина. Кога станува збор за вештачката интелигенција, Ма вели дека машините не би требало да ги заменат луѓето на работните места за кои луѓето се способни, туку технолошката индустрија би требало да произведува машини кои ќе го работат она за што не е способен човекот.

Така машините би станале партнери на луѓето, а не нивна конкуренција, вели сопственикот на Алибаба.

Тој смета дека роботите и вештачката интелигенција веројатно ќе го продолжат животниот век на луѓето, кои притоа на располагање ќе имаат помалку работни места. Според него, роботите веројатно ќе ги заменат извршните директори во компаниите.

За 30 години отсега на насловната страница на магазинот Time како најдобар извршен директор на компанија ќе стои робот. Тие имaат подобра меморија од нас, пресметуваат побрзо од нас и нема да се нервираат поради конкуренцијата, порача Ма.

(Извор: Макфакс)