Мила Царовска или Оливер Спасовски – кој ќе биде технички премиер од 3 јануари?


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Иако веќе се знае дека од 3 јануари ќе стапи во функција техничкиот состав на Владата кој треба да ја води државата до одржувањето на предвремените парламентарни избори во април, ниту СДСМ го открива името на заменикот на премиерот Заев, ниту ВМРО-ДПМНЕ ги открива имињата на министерот за внатрешни и за труд и социјала кои ќе ги предложат тие во техничкиот владин состав.

Според партиски извори, најверојатно денес ќе биде познато името на технички премиер, а како што најави и самиот премиер Зоран Заев, дефинитивно ќе се одлучува меѓу министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и министерката за труд и социјална политика Мила Царовска.

Извори од партиите брифираат дека конечната одлука ќе се донесе по консултациите со коалициските партнери. Раководството на СДСМ ќе треба да ги утврди имињата и на заменици министрите, а ВМРО-ДПМНЕ на имињата на министерот за внатрешни работи и на министерот за труд и социјална политика, како и имињата на заменици министрите за земјоделство, за информатичко општество и за финансии.

Оваа ќе биде втора техничка влада во Македонија. Првата се формираше пред предвремените парламентарни избори во 2016 година според таканаречениот договор од Пржино, што го потпишаа партиите. Тогаш најмазно работата течеше со техничкиот премиер Емил Димитриев, кој дојде на местото на Никола Груевски, а секаде каде што имаше технички министри тогаш од СДСМ и заменици од ВМРО-ДПМНЕ работата беше конфликтна, па се случуваа тужби до Управниот суд, кривични пријави и контра тужби, како и секојдневни расправии во медиумите.