Мијалков пак закачил Ковид-19


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Обвинетиот Орце Камчев денеска, половина час пред пладне, со автомобил пристигна до пред Основниот кривичен суд заедно со својата мајка Ратка Куновска-Камчева, која исто така е обвинета, за да присуствува на рочиште за случајот „Плацовите на Водно“.

Ова е прво рочиште во овој предмет на кое бизнисменот доаѓа од слобода откако на 4 јануари Апелација му ја прифати гаранцијата од речиси 11 милиони евра и му го укина притворот.

Меѓутоа, Сашо Мијалков, кој во декември исто така излезе од притвор со гаранција од нешто повеќе од 11 милиони евра, не се појави.

„Бранителот на обвинетиот Сашо Мијалков достави поднесок дека обвинетиот е позитивен на коронавирусот и во него е наведено дека му е одредена изолација од 10 дена ако нема симптоми или лекување и изолација од 20 дена ако појават симптоми“, соопшти судијата Илија Трпков.

Помеѓу позитивните има и тројца адвокати, но нивното отсуството не е пречка, со оглед дека обвинетите имаат по повеќе бранители. Пречка е отсуството на Мијалков, поради што и беше одложено денешното рочиште, а судијата Трпков рече дека ако здравствените услови дозволат во наредниот период, по завршување на изолацијата, ќе даде поголем интензитет на судскиот процес односно ќе закаже повеќе рочишта.

Денеска во судница како сведок предложен од одбраната дојде ексгенералниот секретар на Владата на ВМРО-ДПМНЕ, Кирил Божиновски. Со оглед на одложувањето, неговото сведочење ќе остане за наредното рочиште закажано за 24 јануари, доколку заврши изолацијата на Мијалков. Тогаш, како сведок на одбраната, ќе биде повикан и Дејан Митревски-Урко.

Инаку, ова е вторпат Мијалков да е позитивен на коронавирусот. Ексшефот на УБК имаше позитивен тест и во октомври 2020 година, кога беа одложени неколку рочишта за предметот „Таргет-Тврдина“. Во февруари лани, кога беше недостапен и беше распишана потерница за него, иако не кажа дека повторно е позитивен, во изјавата дадена во јавноста тврдеше дека се изолирал бидејќи имал температура, па затоа не можеле да го пронајдат.

Во „Плацови на Водно“ бившиот премиер Никола Груевски е првообвинет и му се суди во отсуство. Според обвинението, во периодот од јуни 2006 до октомври 2012 година, Груевски како лидер на партија наместо да прикаже пари како примени донации во ВМРО-ДПМНЕ, за себе прибавил 1,3 милиони евра (79 972 140 денари), а потоа ги пуштал во оптек и купувал парцели на Водно. Станува збор за земјиште на кое имало шума, а кое со промените во Генералниот урбанистички план (ГУП) било пренаменето во градежно. Покрај имотот на Водно, обвинението опфаќа и два стана во главниот град и две парцели во Крушево за кои обвинителството тврди дека се прикривал вистинскиот сопственик односно Груевски. Покрај Орце Камчев, Рстка Куновска-Камчева и Мијалков во Плацови на Водно обвинети се и Ристо Новачевски и Ненад Јосифовиќ, како и избеганиот премиер Никола Груевски кому му се суди во отсуство.

За сиот имот што е опфатен со обвинението обвинителството бараше и конфискација, а според сумите кои ги објави обвинителство за кои биле купени или колку се проценети парцелите и становите, нивната вкупна вредност е околу 1,5 милиони евра. Во шемата на купување, според она што го соопшти обвинителството со поднесување на обвинителниот акт, вмешани се фирми со кои се поврзуваат дел од обвинетите, меѓу кои и офшор-компанија.

Груевски е обвинет за делата перење пари и противправно стекнување и прикривање на имот. Камчев, неговата мајка, како и Новачевски и Јосифовиќ се товарат за перење пари, додека Мијалков е обвинет за помагање во делото перење пари.