МЕРКЕЛ ПРОТИВ: Германија ги легализираше истополовите бракови!


Вака се слави гол во 120-та минута!!! ↓↓↓


Германскиот парламент даде дозвола, хомосексуалните парови да можат да склучуваат брак и да посвојуваат деца. Канцеларката Меркел гласаше против, но рече дека ќе ја почитува одлуката.

По долгогодишно спротивставување на конзервативците и остра дебата во Бундестагот, германските парламентарци изгласаа легализирање на истополовите бракови. Со 393 гласа „За“ и 226 „против“ германскиот парламент се изјасни во прилог на одлуката која предизвикуваше големи дебати и поларизација на општеството, пишува Дојче Веле на македонски.


Одлуката, која многумина во Германија ја прогласија за историска, е резултат на политичката пресметка на канцеларката Ангела Меркел и нејзината ЦДУ. На неколку месеци пред парламентарните избори, притисната од ставот на сите останати водечки политички партии дека нема да коалицираат со демохристијаните доколку не прифатат признавање на хомосексуалните бракови, Меркел мораше да попушти. Канцеларката одлучи да ги остави пратениците од нејзината партија да се изјаснат согласно нивната совест. Инаку Меркел гласаше против признавањето на истополните бракови, но рече дека ќе го почитува мислењето на мнозинството. По гласањето таа изјави дека прашањето за неа било емоционално и дека останува на ставот оти бракот се дефинира како „брак меѓу маж и жена“.

Ваквиот исход Меркел го најави на настан одржан на почетокот на неделата и веднаш предизвика бура во јавноста. На манифестацијата која во Берлин ја организираше женското списание „Бригите“, Меркел изјави дека посакува дискусија која ќе оди „во насока на донесување одлука според сопствена совест“.


Денешното гласање е резултат и на големиот притисок кој социјалдемократите го извршија врз канцеларката. Имено, по промената на ставот на Меркел тие инсистираа гласањето да се одржи веднаш, а не по изборите како што планираше таа. Лидерот на Социјалдемократите Мартин Шулц, чекорот го оцени како крај на дискриминацијата за многу Германци.

Од 2001 година во Германија е дозволено ткн. регистрирано партнерство, но признавањето на истополниот брак оди чекор понатаму и им овозможува на хомосексуалните парови исти права како и на хетеросексуалците, меѓудругото и да посвојуваат деца. Германија е меѓу последните држави во западна Европа која го легализира истополовиот брак.