Како е да се биде професионален Counter-Strike играч! ↓↓↓
Граѓаните на референдумот одржан на 8 септември 1991 година ја изразија својата волја и го дадоа својот глас земјата да се конституира како суверена и самостојна држава Македонија. Независноста уставно-правно беше заокружена со донесувањето на Уставот со 93 гласа во Собранието на 17 ноември 1991. Денес се одбележуваат 30 години од овој чин.
Работниот текст на Уставот го пишуваа професорите Владо Поповски, Љубомир Фрчковски и Лазе Китановски.
Според Уставот, општествено-економскиот и политичкиот систем на Републиката се засноваат на принципот на владеење на правото, човековите слободи и права, поделбата на власта, пазарната економија и другите темелни вредности на современото демократско општество.
Уставот е највисок правен акт и досега има претрпено неколку амандмански измени.
Последната беше во 2019 година кога македонското Собрание со 81 глас „за” ги изгласа четирите уставни амандмани за менување на уставното име од Република Македонија во Република Северна Македонија по стапување во сила на Договорот од Преспа. Собранието го донесе и Уставниот закон за спроведување на амандманите.
Претходно, измени на Уставот беа направени и во 1992, 1998, 2001, 2003, 2005, 2009 и во 2011 година.
Уставот е составен од преамбула и членови. Членовите на Уставот се поделени во неколку глави. Првата глава е посветена на основните одредби, втората на основните слободи и права на човекот и граѓанинот, третата на организацијата на државната власт, четвртата на Уставниот суд, петата глава се однесува на локалната самоуправа, шестата на меѓународните односи, седмата на одбраната на Републиката, воена и вонредна состојба, осмата се однесува на измените на Уставот и деветтата глава се преодните и завршни одредби.
Темелните вредности на уставниот поредок се дефинирани во членот 8 став 1 од Уставот и тоа се основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот, слободното изразување на националната припадност, соодветна и правична застапеност на граѓаните кои припаѓаат на сите заедници во органите на државната власт и другите јавни институции на сите нивоа, владеењето на правото поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска, политичкиот плурализам и слободните непосредни и демократски избори, правната заштита на сопственоста, слободата на пазарот и претприемништвото, хуманизмот социјалната правда и солидарноста, локалната самоуправа, уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата и почитувањето на општо прифатените норми на меѓународното право.
Уставниот развој на земјата историски може да се подели на три периоди. Првиот од 31 декември 1946 година кога е донесен Уставот на тогашната Народна Република Македонија, како една од конститутивните републики на поранешна Југославија. Вториот период е со донесувањето на Уставот на Социјалистичка Република Македонија на 25 февруари 1974 година, а третиот од 17 декември 1991 година кога е усвоен последниот и сè уште актуелен Устав на денешна Република Македонија.