Левица поднесе кривични пријави против пратениците Костадиновска-Стојчевска, Богдановски и против Талат Џафери


Вака се слави гол во 120-та минута!!! ↓↓↓


Пратениците Димитар Апасиев и Борислав Крмов од Левица, поднесоа кривична пријава против колегите пратеници – Бисера Костадиновска од СДСМ и Мирослав Богдановски од ДОМ за прекршување на здравствените прописи. Освен во Обвинителството, пријава за прекршување на мерката изолација доставиле и до Државниот здравствен и санитарен инспекторат, пренесува 360 Степени.

„Со таквото свое дејствие предизвикале став и несигурност кај пратениците и кај јавноста, но воедно го довеле во прашање животот и здравјето на народните избраници и на нивните семејства, а со тоа и нормалното функционирање на институцијата Собрание на РМ – како централен државен орган и единствен уставен носител на законодавната власт во Републиката“, пишува во пријавата од Левица.

Од Левица наведуваат дека поднеле кривична пријава и против собранискиот спикер Талат Џафери.

„Сето ова го договарал и знаел и собранискиот спикер – третопријавениот Џафери, но истиот не само што не сторил ништо за да го спречи, како најповикано одговорно службено лице со дадени овластувања со Законот за Собранието на РМ и со Деловникот на Собранието на РМ, туку истиот и го организирал овој опасен биохазарден експеримент, кој може да го парализира нормалното работење на законодавниот дом во целина“, додаваат од Левица.

На собраниската седница во неделата двајца пратеници од владејачкото мнозинство дојдоа во Собранието со посебна заштитна опрема, маска и скафандер, и од специјално изолирана просторија гласаа за законите од петтиот сет економски мерки за помош на повеќе сектори погодени од пандемијата. Нивното присуство на седницата, собранискиот спикер го образложи дека е во согласност со посебен протокол, донесен уште минатата година, според кој пратениците што се во изолација без симптоми на ковид-19 да можат да учествуваат во работата на Собранието од посебна соба, без контакт со другите пратеници во салата.