Легендата Касиљас за неговиот идол Буфон: „Му се восхитував и завидував“


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Икер Касиљас и Џанлуиџи Буфон. Нема многу голмани кои во последниве две децении можат да се стават на исто рамниште со вакви великани. Едниот легенда на Реал, другиот на Јувентус, и двајцата се едни од најголемите голмани и спортисти кои ги имал европскиот и светскиот фудбал.

Иако ќе навива за својот Реал Мадрид, Касиљас смета дека во овој момент не посоти човек кој повеќе го заслужува пехарот од Лигата на шампионите од Буфон.

„Да не му беше противник Реал Мадрид, со сето срце би сакал тој да го освои трофејот. Освои речиси сè, но овој пехар го пропушти и тој има уште поголема тежина за него. Имаше сјајна сезона и повторно е во финале. Тоа за нас „постарите луѓе“ е одлична работа. Мислам на себе, на Петр Чех. Тоа покажува дека и на 39 години се чувствуваме добро и дека сме уште конкурентни“, изјави Касиљас во големото интервју за Gazeta delo Sport.

Иако разликата помеѓу нив двајца е само три години, Касиљас признава дека Буфон му бил вистински пример и идол на почетокот од кариерата.

„Тој почна да брани на 17 години, јас тогаш имав 14. Неверојатно беше да се замисли момче кое е нешто малку повозрасно од мене веќе да биде на ниво на Парма. Тоа беше вистински пример, му се восхитував и му завидував. Тоа траеше кратко, бидејќи кога почнав да бранам во Реал, тој премина во Јувентус. Тогаш продолживме заедно“.

Од времето на легендарниот Лав Јашин се нема појавено голман кој го добил признанието за најдобар играч на светот, иако многумина го заслужиле тоа.

„Можеби некој од голманите би можел да победи, но тоа е комплицирано. Имаше моменти во кои можевме да се бориме за Златната топка, мислам на Шмајхел во 1999 година и Оливер Кан во 2002. Јас никогаш не сум бил во конкуренција, ние голманите сме маргинализирани. Само Јашин победи во 1963 година, а во моментов тоа ми делува како летање на Месечината“, вели Касиљас.

Иако има опција во Порто да остане уште една година, наверојатно нема да остане на Драгао. Што се однесува до желбите, тука нема дилеми.

„Друга опција? Јувентус! Не, сериозно, тие треба да го земат Донарума. Да го остават една-две години на позајмица, додека Буфон не замине во пензија, а тогаш да го одведат во Торино. Ако треба да се обложам на некој млад голман, тогаш тоа би бил тој. Во Европа нема играчи од 18 години кои поседуваат таков квалитет. Јасно е дека мора да созрее за година или две, но неговиот квалитет е очигледен. Ако се прашувам јас, Серија А е добра опција. Таму постојат големи тимови, а јас ја сакам Италија и нивниот фудбал. Сега сум во Португалија, но би сакал да одам во Италија и повторно да играм против Џиџи. Тоа би било прекрасно“, додава Икер.

Нивната прва меѓусебна средба била пред нешто повеќе од една деценија.

„Прв пат се сретнавме во полуфиналето од Лигата на шампионите во 2003 година. Беше 2:1 за нас на Бернабеу, а тогаш загубивме со 3:1 во Торино. Буфон тогаш му одбрани пенал на Луис Фиго“, се потсетува Касиљас.