КЗБ предлага укинување на задолжителното носење маски на отворено – еве кои други олеснувања на рестрикциите ги предлагаат

Да не се носат заштитни маски на отворен простор, да се укине забраната за групирање, да се дозволат свадби на отворено со максимум 100 гости – овие се дел од предлозите на Комисијата за заразни болести што ќе бидат поднесени до Кризниот штаб, со цел олеснување на рестрикциите што беа досега во сила за заштита од ковид-19.

Министерот за здравство Венко Филипче објави дека утрово Комисијата донела одлука да се достави до Кризниот штаб предлог за понатамошно олабавување на рестриктивните мерки.

„Пандемијата стивнува и од недела во недела се намалува бројот на активни случаи. Состојбата е стабилна, но искуството ни покажа дека многу лесно може да се влоши доколку не се почитуваат мерките онака како што се предвидени. Затоа апелирам до стопанските субјекти и граѓаните целосно да се придржуваат до препораките“, напиша Филипче на Фејсбук објавувајќи ги препораките на Комисијата за заразни болести.

Комисијата до кризниот штаб ќе ги предложи следните олабавувања:

Од 1 јуни заштитните маски да не бидат задолжителни на отворено.

Маските остануваат задолжителни на сите затворени места: јавен превоз и секаде каде што не може да се одржува препорачана дистанца.

Да престане да важи забраната за групирање на отворено.

При групирање на повеќе лица, останува препораката да се носат заштитни маски.

Да се дозволи организација на свадби и прослави на отворено со максимум 50% исполнетост на капацитетот во отворениот дел, но не повеќе од 100 гости, а максимум дозволен број на гости на една маса да биде 6.

Да се дозволи публика на спортските натпревари што се играат на отворени терени, но со максимална исполнетост од 30% од капацитетот на стадионот

Да им се дозволи на угостителските објекти да примаат по 6 гости на една маса, додека сите други рестрикции за нив остануваат во сила.

Полицискиот час останува во сила.

Во текот на оваа и следната недела Комисијата за заразни болести, во соработка со организаторите на настани, ќе работи на прецизирање на протоколите за одржување настани и концерти на отворено, а по 15 јуни според договорените протоколи ќе бидат дозволена и организација на ваков тип настани.