Критичарот на Кремљ и руски политички опозиционер Кара-Мурза осуден на 25 години затвор


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Отворениот критичар на Кремљ и политички опозиционер во Русија, Владимир Кара-Мурза, е осуден на 25 години затвор, откако беше прогласен за виновен за предавство и други злосторства што тој ги негираше. Ова е најстрогата казна од тој тип изречена во Русија од почетокот на инвазијата на Украина, пренесува Гласот на Америка.

Кара-Мурза, татко на три деца и опозициски политичар кој има и руски и британски пасош, со години го критикуваше рускиот претседател Владимир Путин и лобира кај западните влади да воведат санкции кон Русија и поединечни Руси за наводно кршење на човековите права.

Државните обвинители, кои побараа од судот да го затворат на 25 години, го обвинија за предавство и дискредитација на руската војска, откако тој ја критикуваше Москва за она што Кремљ го нарекува „специјална воена операција“ во Украина.

Во интервјуто за Си-Ен-Ен, кое беше емитувано неколку часа пред да биде уапсен, Кара-Мурза рече дека Русија е управувана од „режим на убијци“. Тој, исто така, во говорите во САД и низ Европа, ја обвини Русија за бомбардирање цивилни цели во Украина, обвинение кое Москва го негираше.

Кара-Мурза мирно ја слушаше пресудата зад стаклото, а по објавата за виновен рече дека Русија ќе биде слободна – што е добро позната парола на опозицијата.

Во своето последно обраќање пред судот, Кара-Мурза го спореди судењето зад затворени врати со ревијалните судења на Јосиф Сталин во 1930-тите. Тој одби да побара од судот да го ослободи, велејќи дека е горд на се што кажал.

„Криминалците треба да се покаат за тоа што го направиле. Јас, пак, сум во затвор поради моите политички ставови. Знам дека ќе дојде ден кога ќе исчезне темнината над нашата земја“, рече тој.

Неговиот правен тим ќе поднесе жалба на оваа пресуда.

Велика Британија соопшти дека го повикала рускиот амбасадор да поднесе официјална протестна нота, за како што рече, „политички мотивираната“ пресуда.

Пред судот во Москва, британската амбасадорка Дебора Бронерт рече дека Кара-Мурза е осуден затоа што храбро зборувал против војната на Русија во Украина и побара негово итно ослободување.

Американската амбасадорка Лин Трејси,рече дека осудувањето на Кара-Мурза е обид да се замолчи несогласувањето.

„Криминализирањето на критиките на владата е знак на слабост, а не на сила“, рече Трејси.

Набргу по испраќањето на десетици илјади војници во Украина во февруари минатата година, Русија донесе опсежни закони за цензура за време на војната, кои се користат за замолчување на неистомисленичките гласови.

„Дискредитирањето“ на армијата во моментов се казнува со затворска казна до пет години, додека намерното ширење лажни информации за тоа може да носи казна од 15 години.

Во два наврати, во 2015 и 2017 година, на Кара-Мурза ненадејно му се слошило и тврдел дека властите во Русија го отруле – што Москва негираше и тврдеше дека се разболел поради невролошко нарушување од кое боледува.