Коѕијас, Димитров и Нимиц на средба во Атина

Нова средба на министрите за надворешни работи на Грција и Македонија, заедно со посредникот Метју Нимиц, која претходни на средбата меѓу Ципрас и Заев закажана за 17 мај во Софија, ќе се одржи во грчката престолнина Атина.

Еден ден пред почетокот на преговорите меѓу министрите за надворешни работи на Македонија и Грција, со посредникот на ООН, Метју Нимиц во Атина, министрите Никола Димитров и Никос Косијас со нивните колеги од регионот разговараа околу иднината на Европа. Иако не е потврдено, може да се случи Димитров и Коѕијас уште еднаш да разговараат во четири очи пред нивните ставови да му ги пренесат на медијаторот Нимиц.

Останува да се види дали страните овој пат ќе успеат да ги надминат разликите околу проблематичните прашања, односно опсегот на употреба на можното ново решение за името и уставните промени. На конференцијата „Иднината на Европа“, Димитров рече дека Европа е синоним на иднината за сите земји кандидати за членство. Тој истакна дека токму напорите за решавање на билатералните спорови, како што е прашањето за името, покажува колку сме ние европејци.

„Ние треба да ја европеизираме нашата земја, со силни институции и слободни медиуми и да бидеме храбри да ги решиме проблемите со соседите. Се обидуваме да го направиме ова со вас. Пред неколку дена, кога ја анализиравме изјавата на Шуман, се потсетивме дека ЕУ почна како помирување. Мислам дека ќе има смисла да ја искористиме европската перспектива за Балканот во оваа насока, да ги решаваме проблемите и да им покажеме на сите земји членки дека балканските народи се исто толку европејци“, рече Димитров.

Обединета Европа побара и грчкиот министер за надворешни работи Никос Коѕијас.

„Ние сакаме пообединета Европа, подемократска и поголема социјална правда. ЕУ која ќе биде силна во светот и која се грижи за нејзините граѓани. Оваа ЕУ треба да се заснова на принципите на помошта, да се гарантира демократското учество на земјите, регионите, особено граѓаните и да се надминат разликите во неа, меѓу југот и северот, истокот и западот, богатите и сиромашните региони“, истакна Коѕијас.