Конзервативците паднаа од власт во Норвешка


Вака се слави гол во 120-та минута!!! ↓↓↓


Владејачката конзервативна коалиција во Норвешка го загуби мнозинството во парламентот на изборите што се одржаа вчера и владата ќе се повлече, потврди норвешката премиерка Ерна Солберг.

„Има јасно мнозинство за промена на власта“, рече Солберг, пренесува Ројтерс.

Парламентарните избори во Норвешка се одржаа вчера, а опозициските левоцентристички партии водат според досегашните резултати.

Норвешката конзервативна премиерка му честиташе на, најверојатно следниот премиер, Јонас Гар Стор, чија Лабуристичка партија освои најмногу гласови.

Солберг (60) и нејзината конзервативна коалиција на власт се во Норвешка од 2013 година.

Јонас Гар Стор изрази задоволство од победата и најави дека ќе разговара со сите страни за формирање нов кабинет.

„Чекавме, се надевавме, работевме напорно и сега конечно можеме да кажеме: Го направивме тоа! Норвешка испрати јасен сигнал: изборите покажуваат дека норвешкиот народ сака поправедно општество“, изјави Стор пред своите приврзаници откако Солберг го призна поразот.

Ова се случи откако првите резултати покажаа дека победи левоцентристичкиот блок. Со преброени 97,5 проценти од гласовите, Лабуристичката партија и четири други партии од левиот центар би можеле да формираат мнозинство од 100 места, наспроти 81 во моментов, предвидува Дирекцијата за избори.

Потребни се минимум 85 места за да се добие мнозинство во парламентот со 169 пратенички места.