Кирил и Методиј се превртуваат во гроб: Кој тоа праќа „неписмена“ е-пошта на студентите?


Вака се слави гол во 120-та минута!!! ↓↓↓


Пораки по е-пошта со известувања за електронско пријавување на испитите за летната испитна сесија почнаа да стигнуваат до студентите од факултетите при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“. За жал, како врв на иронија, овие пораки пратени од некои факултети се полни со печатни грешки.

„Отворено е пријавувањето за јунската сесија од денес до 12.06.2020 година.Поради фактот што незнаеме кога точно ќе почне сесијата и начинот на кој се полагаат испитите, Ве замолуваме да си ги пријавите испитите кои имате намера да ги полагате. Сега за сега нема да има во пријавувањето прв или втор термин, но по добивањето на насоките од кризниот штаб како се организираат испитите Вие ќе бидете благовремено известени“, пишува во мејлот на Медицинскиот факултет испратен до студентите, кои има десетина печатни грешки за што стигна реакција и на Твитер.

И Филозофскиот факултет го испрати своето соопштение за заверување на испитите од летната сесија.

„Елетронското пријавување на испити во iknow апликацијата ќе се врши од 13 мј до 31 мај 2020 година. Согласно мерките за Ковид – 19 кои ќе бидат донесени од Владата дополнително ќе бидете известени за роковите за заверка на летниот семестар и за распоредот на одржување на испити во летната испитна сесија“, гласи мејлот од Деканатот на Филозофскиот факултет.

Известување за летната сесија добија и студентите од Економскиот факултет, во кој се вели дека „Економскиот факултет-Скопје го прифати предизвикоти за само 7 работни дена од прекинот на класичната настава успеа да гиреорганизира своите човечки и технички капацитети и заедно со вас драгистуденти да направи успешна транзиција кон целосна е-настава“.

„Драги колеги, засреќа полека стивнува пандемијата и се чувствуваат првите знаци дека наскоровонредните мерки би можеле да бидат делумно или целосно укинати. Тоа отвораможност за организирање и спроведување на јунската испитна сесија. Се разбирасо целосно почитување на сите актуелни здравствени препораки и мерки за ваша целоснабезбедност и со посебни протокол за движење и полагање во редуциран број и вострого контролирани хигиенски услови“, гласи соопштението на Економскиот факултет за летната сесија.

Слично известување добија и останатите студенти од УКИМ, на прагот на новата испитна сесија во вонредни услови. Од Универзитетското студентско собрание на УКИМ остануваат на својот став дека не треба да се одржуваат онлајн испити и сметаат дека Универзитетот и факултетите треба да започнат со подготовки за реализација на испитната сесија со физичко присуство на студентите.

„Мерките за спречување на ширењето на корона-вирусот се релаксираат, а бројот на заболени се намалува, па оттука сметаме дека ќе има услови за организирање испитна сесија со физичко присуство на студентите. Сепак, опасноста иако е намалена, сè уште постои, па затоа сметаме дека Универзитетот и факултетите треба навремено да започнат со организирање на сесиите, како би се минимизирала опасноста и би се избегнал хаосот кој ќе настане доколку неспремни влеземе во спроведување на испитната сесија“, објавија тие во своето соопштение.

Од Универзитетското студентско собрание предложија и конкретни чекори кои факултетите би можеле да ги преземат во насока на организирање на летната испитна сесија. Се предлага продолжување на времетраењето на јунската и септемвриската сесија и полагање во повеќе термини во мали групи кои овозможуваат одржување дистанца од најмалку 2 метри меѓу студентите. Уште еден од предлозите е задолжително носење маска во просториите на факултетите, како и поставување средства за дезинфекција во сите амфитеатри и на влезовите на факултетите.

Од Универзитетското собрание бараат и дополнителни сесии поради тоа што голем дел од студентите не се во можност целосно да се фокусираат на учењето за време на кризата.

Извор: Радио МОФ