Home Актуелно Килограм и половина марихуана најдени на тетовската автобуска станица

Килограм и половина марихуана најдени на тетовската автобуска станица

Три пакувања со вкупна тежина од килограм и половина марихуана нашле тетовските полицајци денес во близина на автобуската станица.

Наутро околу 8 часот, полициски службеници на Секторот за внатрешни работи Тетово во непосредна близина на меѓуградската автобуска станица во Тетово пронашле и подигнале две најлонски пакувања со непозната зелена тревлива материја, најверојатно марихуана. Двете пакувања со тежина од по околу 500 грама биле завиткани со кафена селотејп лента и се наоѓале оставени покрај високонапонски трансформатор во близина, а на педесетина метри оддалеченост пронајдено е уште едно вакво пакување со толкава тежина.

Трите пакувања се фотодокументирани и ќе се вештачи нивната содржина, а по извршениот увид се превземаат и мерки и активности за утврдување на тоа-кој и кога ги оставил, односно за кого биле наменети пакувањата, соопштија од СВР Тетово.

Според евиденцијата на СВР Тетово марихуаната и во последно време кокаинот се најбараните наркотични средства на пошироките полошки простори. Во текот на 2016 година во 68-те откриени и пријавени кривични дела на подрачјето на СВР Тетово во кои вкупно биле инволвирани 77 сторители, а за кои била поднесена 61 кривична пријава, пронајдени и одземени се над 192 килограми марихуана, 55 грама хероин и други, помали количини вакви средства.

Во Тетовско, вкупниот број на регистрирани наркозависници, според регистерот на СВР Тетово, изнесува 489, од кои 40-тина лани се новорегистрирани. Во најголем број станува збор за машки лица, на возраст од 15-16 најмладиот до 60 години највозрасниот.

Вчитај повеќе поврзани статии
Comments are closed.

Check Also

Онлајн игри кои ќе сакате да ги играте повторно

Во последните десет години, играњето онлајн игри прерасна од обична забава во културен фен…