Казна од 510 евра за Блерим Ахмеди како организатор за петочниот протест за случајот „Монструм“


Спасе Манев (Патувања низ Македонија): Ги откриваме скриените убавини на Македонија ↓↓↓


Откако вчера беше повикан на информативен разговор во полициската станица на Бит Пазар, Блерим Ахмеди доби прекршочна казна во износ од 510 евра како организатор на протестот за случајот „Монструм“ кој се одржа во петокот.

Тој во својата реакција која ја објави на Фејсбук, го објави и налогот за казната и напиша дека од државата „како граѓанин на оваа земја никогаш не добил ниту еден цент“.

По излегувањето од полициската станица тој рече дека станува збор за казна како организатор поради неносење на маски и неодржување на дистанца за време на протестот, но и дека му било кажано дека може и да биде уапсен доколку повторно организира таков протест.

Неколку часа пред пријавувањето во полициската станица Ахмеди напиша: „Притисоците продолжуваат, но ние нема да застанеме и секогаш ќе бараме да има правда во земјата”.

Блерим Ахмеди е лицето кое во МВР пријави дека на 29 јануари ќе се одржи мирен протест пред зградата на Јавното обвинителство како израз на незадоволство од завршницата на судскиот процес „Монструм“.

Протестот во петокот кулминираше со инциденти, во кои беа скршени прозорци на зградата на Министерството за надворешни работи, во чија близина практично се одржа протестот, бидејќи полициските сили не дозволија доближување до Обвинителството. Штета беше направена и врз нововселената зграда на Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците, како и врз четири полициски возила. Превртени беа и повеќе контејнери за отпадоци.

Бројни учесници на протестот извикуваа навредливи зборови за обвинителката Фатиме Фетаи која минатата недела во завршните зборови за Монструм, за обвинетите лица за убиството на четирите момчиња и рибарот кај Смилковското езеро побара максимални затворски казни, а за еден обвинет рече дека нема докази дека учествувал во злосторството.

За време на протестот забележливо беше и неносењето на заштитни маски и неодржувањето на дистанца меѓу учесниците, со што беа прекршени здравствените мерки за заштита од ширењето на ковид-19.

Oд МВР велат дека се работи на препознавање на сторителите на инцидентите и најавуваат повеќе прекршочни и кривични пријави.

Утре одбраната на обвинетите во судскиот процес „Монструм“ треба да даде завршни зборови. Протест не е најавен.