Како да си ги заштитите потрошувачките права и да си ги вратите парите назад?


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Кога купуваш било каков производ или услуга очекуваш фер, чесно и транспарентно постапување од другата страна, третман кој треба да биде реципроцитетен. Во пазарна економија, ако не добиеш ваков третман најчесто фирмата те губи како клиент — си одиш кај конкуренција. Но, не без да си го добиеш она што ти следува како потрошувач!

Така, пред извесен период, после грдни маки и обструкции, успеавме со партнерот да си го оствариме правото на „поврат на платениот износ“ за расипаниот лаптоп кој го купивме од _______ (не ја обелоденувам фирмата се додека не добиеме и официјално писмо/решение од Инспекторат). Сепак, без разлика што ќе добиеме како документ од Инспекторат, се решив да го споделам нашето искуство и извлечените поуки бидејќи просто бевме вчудоневидени каква манипулација правеше фирмата со цел, по секоја цена, да не ти ги вратат парите (се плашам дека ова е честа тактика и кај други трговци).

Ако не смениме нешто сериозно (пред се, со пазарни/граѓански иновации и постапки), the game is rigged — и не во наша корист како потрошувачи!

Сагата почнува

Целата сага почна кога се решивме да купиме лаптоп Dell од ______. Само што го направивме иницијалното инсталирање компјутерот почна да покажува чудни проблеми (пр. фалат букви, пикселите се ужас, итн.) и да не го користи целиот потенцијал кој го има. Уште истиот ден го вративме од каде што го купивме и ни го сменија со нов лаптоп од истиот тип. Не поминаа 3–4 дена и лаптопот веќе не се уклучуваше, воопшто. Најверојатно лоша серија — not my problem (except that it was, for one month). Пак го вративме лаптопот бидејќи очигледно е „производ со недостаток“ (remember this term!) и овој пат си ги побаравме парите назад.

Лавиринтот на трговците

Кога го вративме компјутерот во продавницата од каде го купивме и си ги побаравме парите назад не упатија во нивниот сервис. И ова е ок — некој стручен сепак мора да потврди дека производот не е функционален и дека проблемот не е наша вина.

Го однесовме во Сервис, добивме потврда дека е примен лаптопот (совет: веднаш нека го проверат производот во сервис, пред вас, и нека ви издадат потврда дека е примен производ кој не функционира!) и ни рекоа дека ќе не контактираат за неколку дена.

Трик (obstacle) бр. 1. Кога ни се јавија од Сервис ни рекоа дека лаптопот има проблем и да си избереме нов производ од ист вид. Повторивме дека си ги бараме парите назад на што добивме одговор: ако не ја чувате амбалажата (кутијата од лаптопот), не можеме да ви ги вратиме парите! Ќе објаснам понатаму каде е трикот.

По неколку расправии и поплака до Пазарен инспекторат, добивме смс од Сервисот дека сепак лаптопот е исправен и дека можеме да го смениме или да си бараме повраток на пари само доколку се расипе три пати (трик бр.2).

Што е фората со триковите?

Она што е клучно да разбереме во однос на заштитата на потрошувачи е дека постојат ТРИ посебни ситуации за кои важат ПОСЕБНИ (различни) правила и специфики!!!

Во нашиот случај (а најверојатно и во голем број други случаи), трговецот манипулира со тоа што ги меша правилата кои важат за друга ситуација а со цел да те обесхрабри и да си речеш ок, дај друг производ и да се откажеш од првичната намера (патем, член 31-б од Законот за заштита на потрошувачите ова го нарекува „измамничка активност“, која е сместена во прекршувања на потрошувачките права за кои се предвидува највисока казна од 4,000 евра). Дали е подла стратегија или пак незнаење, е сеедно — обврската на трговците е едната иста!

Имено, најпрво ни ја бараа амбалажата или не можеле да ни ги вратат парите. Проблемот е што амбалажата сте должни да ја чувате САМО во ситуација на „замена со друг производ“ доколку НЕ ВИ Е ПО ЌЕИФ (уредена во чл.50 од Законот)! Доколку не ви се допаѓа производот (во однос на форма, големина, модел, боја или некоја слична причина), имате право да барате да го замените во рок од 15 дена од денот на купувањето. Во оваа ситуација (и САМО во оваа!) мора да не сте го употребувале производот, да се сочувани сите употребни својства, пломби, фабрички етикети како и фискалната сметка. Ако во овој случај трговецот нема соодветна замена на лагер, на вас е изборот дали ќе си ги барате парите назад или ќе почекате да му стигне бараниот производ (рок, 30 дена). Со други зборови, ситуација која НЕ Е апликативна за нашиот случај.

Потоа ни тврдеа дека требал да се расипе 3 пати лаптопот за да можеме да бараме замена или поврат на парите. Но и ова е ДРУГА ситуација (уредена во чл.22 од Законот) која уредува дека купениот производ може да се сервисира најмногу 3 пати во рамките на гарантниот рок и доколку не се поправи дури тогаш потрошувачот има право да бара да му се замени производот или да му се врати платениот износ. На пример, ако во рокот на важење на гаранцијата (пр. 2 години) компјутерот ви се сервисира 3 пати, 4-от пат можете да побарате замена или враќање на парите. Ова е генерално правило, но НЕ Е апликативно ако имате „производ со недостаток“ кој не функционира уште од сам старт!

Фората е што за „производ со недостаток“ ВАЖАТ ДРУГИ ПРАВИЛА (чл. 42, 43, 45 и 46 од Законот). Производ е со недостаток кога не е безбеден, или пак кога „не ја исполнува општата обврска за сообразеност“ со договорот. Производ не е усогласен со договорот доколку не одговара на описот и не ги поседува квалитети на производот кои трговецот ги понудил и не покажува квалитет кој е вообичаен за производот од таков тип кој може разумно да се очекува. Во оваа ситуација потрошувачот има право, ПО СВОЈ ИЗБОР (!!!), да бара или бесплатно отстранување на недостатокот, замена на производот ИЛИ раскинување на договорот и враќање на платениот износ (во одредени ситуации и надомест за претпрена штета). Во оваа ситуација треба само да ја имате со вас фискалната сметка и гаранцијата — трговецот е ДОЛЖЕН да го задоволи вашето барање.

Научена лекција

За почеток, знајте ги основните права како потрошувачи. Добро определете за КОЈА ситуација од горенаведените е вашиот проблем бидејќи за различни ситуации важат различни правила! Чувајте ја амбалажата без разлика на се — не губите ништо. Бидете спремни да ви го отежнат патот кон вашите права, особено ако барате поврат на парите. И, на крај, одете до крај, поплака до Инспекторат, врски, се што треба, само да стигнете до она што ви припаѓа и е фер. Не дозволувајте да ве изманипулираат со евтини трикови и да се откажете самите од она што сте го наумиле. Контактирајте и ја Организацијата за заштита на потрошувачите веднаш за совет.

Извор