Извинувањето од Јанкуловска: Не го оправдува бегството на Груевски и се кае за некои свои постапки


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Невообичаено за нејзин стил, бившата министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкуловска, си ја отвори душата во изјава за ТВ 24, порачувајќи дека не го оправдува бегството на Никола Груевски и дека грешките за време на нејзиното работење не биле намерни.

Таа им се извини на луѓето на кои во времето на нејзиното владеење им била нанесена неправда. „Жалам ако некој бил обесправен, без разлика дали јас сум учествувала или не сум учествувала“, рече Јанкулоска одговарајќи на прашањето за апсењата на вработените по патарините.

За апсењето на поранешниот сопартиец Љубе Бошковски, Јанкулоска за 1ТВ рече дека имала доверба во соработниците и дека можеби тоа било грешка.

Таа рече дека во нејзиното работење сигурно имало грешки, но тие никогаш не биле намерни.

„Грешките кои несомнено ги имало, никогаш не биле намерни. Кога се работи, се прават грешки, некогаш повеќе, некогаш помалку. Јас за прислушувањето понесов политичка одговорност, Собранието ме разреши. За тоа кој прислушувал, немаме утврдено одговорност од органите. До овој момент јас немам доказ кој прислушувал и чекам судот да каже. Ни на крај памет не ми беше дека би можело јас да бидам таргет и толку време да бидам прислушувана, бидејќи мојот начин на размислување не е таков. Како министер, како во случајот со Бошковски биле активирани мерките, да се направи проверка на почитување на прописите. Во моментот кога ќе дојде до реферирање за постапката, таа е во завршна фаза и министерот подари верба на соработниците кои ја спроведувале. Можеби не сум требала да имам таква доверба така лесно и да се направат дополнителни проверки. Не негирам дека во минатото имало пропусти во владеењето“, рече Јанкулоска.

За случајот „Тенк“ и набавката на Мерцедесот Јанкулоска рече дека целата процедура била спроведена од нејзините соработници.

„Jaс на моите соработници постојано им велев дека процедурата треба да биде законска и да се почитуваат сите процедури. Јас по функција не учествувам во тие процедури. Зошто тие снимки ги нема? Очигледно е дека некој седел и правел селекција и за овој случај има само осум снимки, а ги нема сите други мои разговори на оваа тема. Зошто“, праша Јанкулоска.