Изречена пресудата за „Рекет“: 9 години затвор за Бојан Јовановски, 7 години затвор за Катица Јанева


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Судијката Васка Николовска Масевска, во име на Кривичниот суд во Скопје, денес ја изрече судската пресуда за случајот „Рекет“. Девет години затвор за неформалниот сопственик на 1 ТВ, Бојан Јовановски, седум години затвор за поранешната шефица на Специјалното Јавно Обвинителство (СЈО), Катица Јанева се неправосилните пресуди ги прочита судијката.

Казната за Јовановски, кој беше спроведен од притвор во затворот Шутка, е за делото „примање награда за противзаконито влијание и перење пари“, додека, пак, Јанева, која поради здравствени и семејни причини, остана дома е осудена за делото „злоупотреба на службената положба и овластувања“.

Судијката Васка Николовска Масевска го почна излагањето со читање на обвинението за Бојан Јовановски-Боки 13 и за Катица Јанева во денешното носење пресуда за случајот „Рекет“.

„Бојан Јовановски и Катица Јанева се виновни. Во периодот од ноември во 2018 година до април во 2019 година, Бојан Јовановски познат како Боки 13 го искористил своето влијание врз Катица Јанева за извршување на службени дејствиа. За посредувањето земале награда од 1,5 милион евра, односно од сведокот Ана Камчева во износ од 500.000 евра, а од сведокот Јордан Камчев еден милион евра“, рече Николовска Масевска.

Боки 13 и претходно осудениот Зоран Милевски-Кичеец беа уапсени на 15 јули во 2019 година и по распитот во Основниот кривичен суд Скопје им беше одредена мерка притвор од 30 дена. Двајцата беа осомничени за кривичното дело „примање награда за противзаконито влијание“, а Боки 13 и за кривичното дело „перење пари“. Милевски по признанието беше осуден на казна затвор од три години, пуштен е од притвор и сега се жали пред Апелациониот суд Скопје. Јанева, која е во притвор од 21 август лани, беше обвинета за сторено кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластувањата.

Јовановски преку приватни снимки од бизнисменот Орце Камчев, првоосомничен во големата истрага за случајот „Империја“, беше пријавен од него дека му зел вкупно 1,5 милиони евра во три наврати за да му помогне преку Јанева да се спаси од затвор. Парите не беа најдени.

Јанева е осудена дека примила скап тросед и 50.000 евра за да му ја олесни положбата на Камчев во истрагата за „Империја“. Ни тие пари не се најдоа, Камчев од притвор беше пуштен од Врховниот суд, а Јанева се противеше. Ни овие пари не се најдоа, а истрагата за „Империја“ не е затворена.