Инфлацијата во САД изнесува над 8% – најголеми поскапувања има на храната, струјата, бензинот и гасот


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Согласно податоците на американското министерство за труд, растот на потрошувачките цени во САД благо попуштил во август, но сепак се задржал над нивото од 8 отсто, поддржан од поскапувањето на храната и енергијата. Индексот на потрошувачките цени покажал раст во август за 0,1 отсто во однос на јули кога цените стагнирале.

Во однос на минатогодишниот август потрошувачките цени во најголемата светска економија пораснале за 3 отсто, по растот од 8,3 отсто во јули.

Највисоко ниво во оваа година инфлацијата достигна во јуни кога изнесуваше 9,1 отсто и беше највисока од ноември 1981 година.

Храната во август била поскапа за 13,5 отсто отколку во истиот месец минатата година, а струјата за 15,6 отсто. Американците во август плаќале 33 отсто повеќе за гас и 25,6 отсто повеќе за бензин.

Кога ќе се исклучат храната и енергијата, годишната стапка на инфлацијата изнесувала 6,3 отсто.

Во однос на јули потрошувачките цени благо пораснале бидејќи повисоките трошоци за домување и храна го покриле влијанието на пониските цени на бензинот.

Храната во однос на јули поскапела за 0,7 отсто, а еднаков раст бележат и трошоците за домување.

Енергијата на месечно ниво поевтинила 5,0 отсто, бидејќи падот на цените на бензинот од 10,6 отсто го покрил поскапувањето на гасот и струјата, за 3,5 односно 1,5 отсто.

Ако се одземе влијанието на променливите цени на храната и енергијата, потрошувачките цени во август на месечно ниво пораснале за 0,6 отсто, двојно повеќе од јули, покажуваат податоците.

Инфлацијата успорува бидејќи растот на цените на стоките се смирува по скокот на почетокот на годината, што се припишува на подобрата ситуација во глобалните синџири за снабдување и подобрената потрошувачка на услуги, истакнува Ројтерс.