Идентификувани 5 од 13-те лица кои упаднаа на изложбата од македонскиот сликар Сергеј Андреевски во Каламариа


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Грчките полициски служби од Одделот за борба со расистичко насилство идентификувала пет од вкупно 13 лица кои маскирани, со капи и качулки пред околу две недели упаднаа во уметничката галерија во солунската општина Каламариа, каде што беше поставена изложбата на македонскиот слукар Сергеј Андреевски.

Грчката полиција, како што јави дописникот на МИА од Атина, идентификувала четворица грчки државјани на возраст од 19, 20, 23 и 24 години и една странска државјанка на возраст од 22 години.

„Против нив е покренат предмет за недозволено насилство, кривично дело со расистички карактеристики и за поттикнување на извршување кривични дела, дела на насилство или раздор против лице врз основа на национално потекло“, објави грчката полиција, пренесе МИА.

Во меѓувреме, полицијата соопшти дека ќе продолжи со истрагата за идентификација на останатите осуммина кои со скриен идентитет упаднаа во галеријата и го повикаа македонскиот уметник да ја прекине изложбата.

Група членови на „Златна зора“, која со судска одлука од 2020 година е прогласена за криминална организација, со маски на лицата и качулки на 26 април упаднаа во галеријата на солунската општина Каламариа каде што во тек беше изложбата на ликовниот уметник Сергеј Андреевски.

По упадот во галеријата, грчките власти соопштија дека Грција нема да толерира беззаконие, заплашување на граѓаните ниту, пак, нацистички паравоени групи – термин кој во Грција се користи за организираните групи на „Златна зора“.

Во врска со инцидентот реагираа и од македонското Министерство за надворешни работи (МНР), од каде што информраа дека ја повикале грчката амбасадорка во земјава, Софија Филипиду, на која ѝ биле упатени очекувањата дека ќе бидат преземени сите мерки од страна на властите во Грција за откривање на сторителите.

Коментирајќи го упадот на неговата изложба, уметникот Сергеј Андреевски изјави дека политиката, како и многу пати досега, се обидела да ја победи уметноста.

Изложбата „Неизложени дела на хартија“ на македонскиот сликар Сергеј Андреевски беше свечено отворена на 21 април во Солун. На отворањето беа присутни голем број посетители, а уметникот, пренесувајќи ги своите впечатоци, тогаш изјави дека уметноста не познава граници и дека нејзиниот јазик е универзален.