Христијан Мицкоски реизбран за претседател на ВМРО-ДПМНЕ


Уствари викендов е затишје пред бура! ↓↓↓


На вчерашниот 17. редовен партиски конгрес, ВМРО-ДПМНЕ го реизбра Христијан Мицкоски за претседател. Тој беше и единствениот кандидат за лидерската позиција, а доби поддршка од 489 делегати. Од присутни 493 делегати, гласале 492 од кои 489 за Мицкоски. Имало и три неважечки ливчиња. На конгресот под мотото „Нова генерација за нова иднина“, ВМРО-ДПМНЕ најави нова доктрина и кадровски освежувања.

Мицкоски го доби првиот претседателски мандат во партијата пред четири години, на 23 декември 2017-та, кога на 16. конгрес во Валандово беше поддржан од 376 делегати. Тој е доктор по технички науки и професор на Машинскиот факултет во Скопје. Беше претседател на Управниот одбор и генерален директор на АД ЕЛЕМ, а во однос на партиските активности извршувал повеќе функции – бил претседател на кадровската комисија на ВМРО-ДПМНЕ, дел од Републички изборен штаб на изборите 2011, дел од Републичкиот изборен штаб ИЕ4 на изборите 2008, 2014, 2016, член на конгресот на партијата во 2003 кога за претседател е избран Никола Груевски, како и член на конгресот во 2015 година.

Мицкоски вчера најави нов концепт – општествен консензус за заеднички патриотизам. Тој рече дека партијата влегува во втора епоха чиј приоритет ќе биде поединецот, ослободувањето од стегите, слободата на мислата и изборот. Народот сака опција на која ќе и верува, а ВМРО-ДПМНЕ, потенцира Мицкоски, е таа алтернатива.

– Мора да сториме се, не смееме да разочараме и да потфрлиме. Мора да успееме, да постигнеме праведен напредок, да овозможиме еднакви можности за сите – идеја што изминатите три децении застрани. Подгответе се, не чека многу работа, не чека борба, народот има очекувања и надеж дека нешто ќе се промени, не смееме да го изневериме. Да ја вратиме државата на граѓаните, да го создадеме заедно македонскиот сон, истакна Мицкоски.

Образложувајќи го општествениот договор за т.н. заеднички патриотизам, Мицкоски рече дека „нема веќе ваше и наше, сите сме под истиот покрив кој еднакво прокиснува и кому му е потребна поправка за да му се врати сјајот“.

– Не е доцна да ги исправиме работите. Време е да одиме напред, едните заедно со другите. Заедничкиот патриотизам е различност која меѓусебно ќе ја почитуваме, отворање на вратите на ВМРО-ДПМНЕ за сите заедници, наше ново стратешко позиционирање, подвлече Мицкоски.

Во обраќањето по реизборот, Мицкоски најави и нови економски мерки, намалување на даноците, отворена војна против корупцијата, мерки во земјоделството, прогрес во културата.