Славни

Холивуд ѝ сврте грб: Мишел Фајфер никој не ја ангажира – дознајте ја причината

Пред четири години Мишел Фајфер го сними филмот Malavita: The Family, со Роберт Де Ниро и Томи Ли Џонс, а оттогаш буквално исчезна од филмското платно и екраните. Најпрвин поради своја лична одлука, а потоа и Холивуд реши дека е крајно време да ѝ сврти грб, па режисерите престанаа да ѝ нудат улоги.

Жената-мачка, со три номинации за Оскар и титула „Личност со совршени пропорции на лицето“ и „идеална убавина во светски рамки“, оваа година планира големо враќање во светот на филмот. Пред извесно време ја одработи премиерата на драмата Where is Kyra на Санденс, а до крајот на годината ќе ги промовира и филмовите Mother! режисерски потпишан од Дарен Аронофски и „Убиство во Ориент Експрес“.

За списанието Interview Фајфер откри зошто направи толку долга пауза од актерството.

„Мојата љубов кон глумата не е изгубена, на сетот секогаш се чувствувам како дома, врамнотежена сум кога работам. Сепак, последните години ми беше важно да бидам со децата и секогаш се прашував колку долго ќе ме нема дома, дали мојот живот ќе биде врамнотежен со животот на моите деца. Станав толку пребирлива, што никој веќе не сакаше да ми понуди улога и да ме ангажира за филм“, искрено открива таа.

Се потсети и на своето детство и растење во Оринџ Каунти, Калифорнија.

„Светот на холивудските ѕвезди за моето семејство беше целосно непознат, никогаш не ме водеа во кино. Мајка ми не возеше кола, а татко ми немаше време, па јас не излегував од дома освен кога одев во школо. Единствена занимација ми беа филмовите кои ги гледав до долго во ноќта и сонував дека и јас еден ден ќе снимам такви“, се потсетува Мишел.

Во драмска секција се запишала за да го избегне англискиот јазик, за кој била најлоша во класот.

„Драмската секција беше резервирана за чудаците, а јас таму се чувствував како дома“, признава Фајфер.

Победила на изборот за Мис на округот, кога ја забележале и филмските агенти. Денес стравува дека не е доволно добра.

„Секогаш стравувам дека луѓето ќе сфатат оти сум измама“, вели Мишел.

To Top