Актуелно

ГРЧКИТЕ АПЕТИТИ НЕМААТ ГРАНИЦИ: За новото име на ПЈРМ треба да одлучи грчкиот народ

Откако македонската влада по секоја цена планира да стави крај на спорот со Грција за нашето име и притоа тврди дека немаме никакви црвени линии, очигледно апетитите на нашиот јужен сосед растат. Сега, грчкиот министер за одбрана и лидер на „Независните Грци“, Панос Каменос вели дека токму грчкиот народ треба да одлучи за новото име на Македонија.

„Вклучувањето на терминот ‘Македонија’ во името на ПЈРМ ќе значи намалување на значењето на грчката култура, историја, филозофија и уметност во вековите што следат. Таквата одлука е надвор од моќта на секој политичар, на било кое ниво во власта“, рекол Каменос, а неговата изјава ја пренесе грчката информативна агенција АНА.

Повеќе регионални медиуми периодов пренесоа дека меѓу Атина и Скопје наводно постои согласност околу името „Република Нова Македонија“.

Овој е еден од предлозите кој е актуелен со години наназад, уште од официјалниот почеток на спорот во 1991-ва година, но досега не беше прифатен од двете страни. Македонските познавачи на спорот со Грција, тврдат дека ова е најлошиот предлог што може да го прифати Македонија, бидејќи заедно со Северна или Горна го менува и идентитетот на македонскиот народ во северномакедонски, односно новомакедонски, што е и всушност целта на Грција.

To Top