Голем педофилски скандал ја тресе француската црква – папата Франциск длабоко жали и тагува заради тоа


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Папата Франциск изрази „голема тага“ поради големиот педофилски скандал кој ја тресе француската црква.

„Неговите мисли се пред се` со жртвите, со голема тага за нивните рани и благодарност за нивната храброст да ги осудат. Тие се со Црквата во Франција, така што, сфаќајќи ја оваа страшна реалност, може да тргне на патот на покајание “, изјавил портпаролот на Ватикан, Матео Бруни.

Независна комисија која го истражува обемот на скандалот во Католичката црква во Франција ги објавил денеска своите наоди, проценувајќи дека од 1950 година, свештениците злоставувале 216.000 деца и адолесценти.

Ако на тоа се додадат и луѓето кои биле злоупотребени од цивили кои работеле во институциите на Црквата, таа бројка се искачува на 330.000, објавил претседателот на комисијата Жан-Марк Сове.

„Со своите молитви, Папата му го доверува на Господ народот Божји во Франција, особено жртвите, да им даде сила и да ги утеши и така, со правда, да се случи чудо на исцелување“, завршил портпаролот на Папата.

Француската бискупска конференција денеска изразила „срам“ и „ужас“ поради скандалот и побарале „прошка“ од жртвите.

Откритијата во Франција се најновите што ја потресоа Католичката црква по серијата откриени случаи на сексуална злоупотреба, честопати врз деца, низ целиот свет во последните 20 години.

Жан-Марк Сове, претседател на комисијата што го подготвил извештајот, изјавил дека злоупотребата била системска.

Црквата не само што не ги презела неопходните мерки за да се спречи злоупотребата, туку и ги затвориле очите, пропуштајќи да пријават злоупотреба и понекогаш свесно ставајќи ги децата во контакт со предаторите, рече тој.

Независната комисија од Француската бискупска конференција била формирана кон крајот на 2018 година за да ги расветли случаите на злоупотреба и да ја врати довербата на јавноста во Католичката црква, која ги губи верниците во Франција.

Сове изјавил дека проблемот се уште постои. Тој додаде дека до 2000-тите, Католичката црква покажала целосна рамнодушност кон жртвите и дека навистина почнала да го менува својот став во периодот 2015-2016 година.

Самата комисија, рече Сове, идентификуваше 2.700 жртви, но опсежната студија на истражувачките групи проценува дека имало околу 216.000 жртви.

„Вие сте срам за човештвото“, рече Франсоа Дево, кој го основал здружението „Жртви на Ла Парол Либери“, пред претставниците на Црквата на јавната презентација на извештајот пред Сове да земе збор.

„Имаше одвратни масовни злосторства во овој пекол, но, уште полошо, имаше предавство на довербата, предавство на моралот, предавство на децата“, рече Дево, обвинувајќи ја Црквата за кукавичлук.

Комисијата се состоела од 22 члена, а меѓу нив имало адвокати, лекари, историчари, социолози и теолози.

Претходно оваа недела, Сове рече дека комисијата во Франција открила 2.900 до 3.200 педофили -свештеници и други припадници на црквата од 1950 година.